Барања за субвенции до 15-ти мај


Рокот за поднесување на барања за субвенции за растително производство и по грло добиток за 2018 година трае до 15 мај, потсети Министерството за земјоделство. Со програмата за 2018 година за земјоделците се наменети шест милијарди и 210 милиони денари за директни плаќања. Запазувањето на рокот за аплицирање е важно за да може навреме да се обработат барањата и навреме да исплатат субвенциите.

Од министерството информираат дека барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Доколку барателите имаат потреба за помош при создавање на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најдоцна до 30 април 2018 година.

На веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk  се објавени  упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде што ќе може да се поставуваат прашања во врска со поднесување на барањата.

Во овој период треба да се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, живина и за заклани животни во кланици.

Министертвото од 2018 година воведува нови мерки за директни плаќања. Дел од нив, се повисоки субвенции и нов модел на субвенционирање во три нивоа за тутунот, 20 отсто повисоки субвенции за растителното производство, односно градинарство, овоштарство, лозарство за земјоделците со потенцијал за развој,  директните плаќања во сточарството нудат 10 проценти повисоки суми за истата целна група, 30 отсто повисока поддршка за промена на типот на производство и тоа промена од житни култури во градинарски култури, овошни култури и лозови насади, за вкупни површини помали од пет хектари, 12.000 денари  по хектар за реконструкција на лозови насади заради промена на сортна структура и други.

Во Програмата е предвидена и ставка за исплата на обештетувањата од временските непогоди што се случија во 2016 и во 2017 година.