Ајде да го изметиме дворот
Ерол Ризаов
Ајде да го исчистиме ова парче земја, да го изметиме убаво сопствениот двор од бербатлакот што го направија тие што сè испоганија, што сеат омраза и лаги. Да покажеме дека не сме такви, дека нашиот народ не е таков, туку валканиците се само од една шака бедници која крена голема ѓурултија со закани и лага дека ја спасуваат татковината, дека ги спасуваат идентитетот на Македонецот, јазикот и верата, а всушност се впрегнати, свесно или несвесно, со знаење или незнаење, сеедно, да ја попречуваат правдата и да спасуваат криминалци и насилници кои цела деценија без срам и перде, без контрола, го ограбуваа, го осиромашија и го понижија својот народ како никој досега. Го окрвавија парламентот, светото место на демократијата во нормалниот свет, претепувајќи народни избраници. Должни сме да го исчистиме сметот за иднината на нашите поколенија да не живеат во изолација и во депонија. Треба само да кажеме за што сме: за или против. Доволно е таа пресуда да ја дознае и светот, дека не сме такви какви што нè прикажаа и нè посрамотија нашите лажни патриоти кои проповедаат дека државата се спасува со криење под јорган планина и со правење ајвар, со гледање сеир на најголемиот историски ден од осамостојувањето на Македонија.
Така најдобро ќе им кажеме на нашите пријатели, светските државници и јавни личности, кои се заложија за европската иднина на Македонија, дека навредите изречени кон нив не се дело на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија, туку на последното прибежиште на криминалците кои се кријат зад патриотизмот, какви што има и во нивните земји. Не мислат граѓаните на Македонија дека канцеларката Ангела Меркел е нацист, напротив, згрозени се од мустаќите на Хитлер залепени на нејзиното лице, тие знаат дека и Германија и Меркел се пријатели, најголеми деловни партнери, наши донатори и поддржувачи. Тие знаат дека Ангела Меркел уште пред повеќе од две години во Дубровник кажа дека мора нешто да се направи Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. И, ете, нешто се направи. Нешто значајно и големо.
Македонците знаат што значи поддршката на Франција и на претседателот Емануел Макрон, го знаат и тоа дека само болни умови можат да го нарекуваат педофил и потаен хомосексуалец. Доналд Трамп е претседател на најголемата светска велесила Америка, наш стратегиски партнер. Критикуван е жестоко и во својата земја и во светот, тоа е суштински дел на демократијата. Но која беше причината да се навредуваат во Македонија само затоа што го поддржуваат нашето членство во НАТО и во ЕУ. Не остана ниту еден од светските политичари и државници кој не беше навредуван во Македонија и на кој не му беше одржана лекција дека се наши непријатели и учесници во геноцид кон македонскиот народ, дека се носители на големиот заговор за уништување на Македонците и на Македонија.
Ај што ги исплукаа нашите пријатели од другите земји и првите комшии, кои доаѓаат секој ден во Македонија од сите страни на светот и од соседството да ни кажат да не ја испуштиме историската шанса, истите луѓе и внатре во државата ја распретаа пепелта и ги извадија неизгасените жарчиња да го распалат повторно огнот на омраза и нетрпеливост на Македонците со Македонците и на Македонците со сите други што живеат во Македонија со векови. Во тоа се вклучија и партиските владици и наместо молитви и вера во бога, откриваат изроди и предавници, фрлаат клетви и анатеми, проповедаат омраза и братоубиствена војна, сиромаштија и заостанатост. Духовниците, црковните великодостојници, се изедначија со осомничените патриоти и пропагираат лаги во црквите. Велат, ќе исчезнат Македонците. Лажат. Всушност, можат да исчезнат само ако се прифатат нивните грешни молитви. Предводени од нивниот духовен и световен татко Ѓорге Иванов проповедаат по белиот свет дека ќе останеме без македонскиот јазик. Пак лажат. И лингвистичката наука и светот одамна го признале македонскиот јазик на кој се напишани милиони дела. Тоа го признава и договорот со Грција. Велат ќе сме го изгубеле државјанството. Пак лажат. И државјанството и националната припадност Македонец, како и јазикот македонски, остануваат негибнати како дел од светското цивилизациско право и светските закономерности и научни вистини. Над 20 земји во светот имаат во името географска додавка, западна, северна, јужна, источна, горна, долна… а во ниту една од нив по тоа не се одредува националната припадност.
На 1 октомври Македонците ќе се разбудат како Македонци, ќе зборуваат и пишуваат на македонски јазик, ќе ја имаат истата вера и истиот идентитет. Ќе бидат еден голем чекор поблиску до цивилизираниот свет. Сите нè чека една деценија тешка и мачна работа, многу сопки и подметнувања. Од идната година почнува најважната деценија за иднината на Македонија, која треба да се одработи храбро ако сакаме да направиме европска држава. Ќе има работа за сите, за повеќе влади, партии и парламентарни состави, за многу јавни личности, институции, научници, уметници, спортисти, деловни луѓе, медиуми и граѓани. Ако успееме да направиме европска држава прифаќајќи ги европските вредности, тоа ќе биде најголема потврда на идентитетот, на посебноста и на одржливоста на мултиетничките и мултикултурни општества. Ајде да кажеме за што сме, вреди да се обидеме. Најлошо е да се предадеме без борба.