„Љубојна“ и Филхармонија вечерва со ексклузивен концерт
Македонскиот музички состав „Љубојна“ вечерва ќе одржат екслузивен концерт заедно со Македонската филхармонија. Музиката која ќе биде изведена е нова и оркестрирана и аранжирана од диригентот Џијан Емин. Како што најави вокалистката на „Љубојна“, Вера Милошевска – Јосифовска, идејата за ваков концерт се родила спонтано како резултат на дружбата и соработката со Емин.
– Идејата беше да се погледне од друг аспект нашата музика. Да се „раскрши“ како концепт и да ѝ се даде нов различен правец. Деновиве често се состануваме, преслушуваме, разговараме за темите, се договараме…За мене е голема радост да видам како „Љубојна“ звучи низ туѓите уши. Станува збор за нова музика чија комплетна оркестрација и аранжмани кои ќе ги слушнете на концертот се на Џијан Емин. Музичкото претставување и новата музичка форма овој пат целосно ги оставаме во рацете на Џијан и под негова диригентска палка. За мене е возбудлива оваа нова соработка и во исто време многу инспиративна – вели Вера.
На сцената ќе има над 70 музичари, вклучувајќи го и оркестарот на филхаморнијата.
– Ќе има неколку солисти и музичари со кои често соработуваме, а со некои од нив и првпат на таква сцена. Во таа смисла, минималистички ќе биде концептот. Но, вклучувајќи ги и музичарите на Филхармонија, сцената ќе биде навистина исполнета со музикa до последниот атом – вели Вера.
Тие ветуваат многу музика и незаобравна вечер, преку која ќе покажат еден поинаков аспект на „Љубојна“.
– Од она што јас го слушнав деновиве додека се подготвуваме, имам убаво чувство. Главно тоа е нова музика во која има и многу авторски теми и која навистина освојува. Ова е многу важен спој за мене, затоа што на музиката на „Љубојна“, која сама по себе е раскошна и отворена, ѝ дава дополнителна пространост што особено ме инспирира како пејач. И воопшто, целиот пристап е нов. Првпат работам со огромен оркестар кој има испишана и егзактна музика пред себе. Ова е нова и преубава задача за концепт кој бара и дава поинакво присуство на сцената – вели Милошевска – Јосифовска.
Концертот ќе се одржи во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот.
И.Н.
Фото: Борис Грданоски