Шилегов се премисли: До Средно Водно ќе се оди и со автомобил
По само пет месеци откако се забрани сообраќај до Средно Водно, градоначалникот Петре Шилегов најави дека до таму сепак ќе може да се оди со автомобил. Во тој случај ќе се наплаќа паркинг 100 денари за првиот час паркирање, а секој нареден ќе биде 50 денари. Ова практично е предвидено со ценовникот во новата зона „А0“ која беше формирана вчера со одлука на Советот на Град Скопје.
„Во случајов нема идеално решение. Нашата идеја е да го дестимулираме одењето на Водно со автомобил, па тој што сака да оди со кола ќе треба да плати поскап паркинг. Истовремено и понатаму ќе важи одлуката за бесплатни автобуси до Средно Водно“, појасни Шилегов денеска, откако вчера некои медиуми пласираа разни шпекулации во врска со новата паркинг зона.
Таа, како што рече градоначалникот, за Водно се очекува да профункционира до крајот на месецов. Капацитетот на паркингот е нешто повеќе од 200 места, а ќе се наплаќа од 9 до 16 часот за време на викенди и државни празници. Неплаќачите, односно непрописно паркираните ќе бидат блокирани со „канџи“ или пак возилото ќе им биде подигнато од пајак. Градоначалникот информираше дека на терен веќе привршува дигитализирање на паркингот, а се поставуваат и инфо табли на патот до Средно Водно на кои оние што одлучиле да одат со автомобил ќе можат да видат има ли и колку празни места има на паркингот.
Дел од средствата од наплатата на паркингот, посочи Шилегов, ќе се слеваат во градската каса и ќе се користат наменски за одржување на парк шумата Водно.
„Јас лично претпочитам да не се оди нагоре со автомобил, но не можам стриктно да воведам забрана. Во случајов, со овој концепт, верувам ќе бидат задоволени сите“, дополни Шилегов.
Најави дека Градот прави анализи за состојбите со паркирањето на улица „Максим Горки“, за да се утврди има ли потреба и таму да се воведе „зона А 0“. „Овие зони ќе ги воведуваме ‘ад-хок‘, пред се онаму каде е зголемен метежот, каде не постои друг механизам за намалување на сообраќајниот хаос. Сакам да потенцирам дека паркирањето не е и не може да биде социјална категорија“, категоричен е градоначалникот. (Д.Т.Д.)