Шекеринска: Не сме при крај со спорот за името


Не сме влезени во финалната фаза на решавање на проблемот со името, порача синоќа вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

– Сметаме дека е прерано да ги соопштиме деталите, бидејќи тоа ги намалува шансите за решавање на проблемот. Треба да работиме трпеливо и се надевам дека тоа ќе донесе резултат, рече Шекеринска во интервју за ТВ Телма.

Таа посочи дека дебатата се води околу името, а аргументите се на наша страна околу јазикот, бидејќи, како што кажа, не постои античкомакедонски јазик на кој Грците полагаат права.

– Ако се сака да има договор кој ќе биде прифатен од двете држави треба прашањето да се реши на чесен и достоинствен начин. Одлуките ќе се носат во јуни и во јули. Сакаме до крајот на март да се гледаат контурите на некакво решение, но нема да дозволиме роковите да не притискаат, бидејќи треба да добиеме добар договор и за Македонија и за Грција, рече Шекеринска.

Порача дека Македонија околу ова прашање треба да има најширок консензус и додаде дека некогаш опозицијата има конструктивни ставови за преговорите, а некогаш на виделина излегува груевизмот.