Чаирскиот „шериф“ не ја легализирал спорната дивоградба


Полицајката што минатата недела беше нападната од Бекир Асани, вчера беше повикана на распит во Основното јавно обвинителство, кое отвори истрага по допрен глас, иако Министерството за внатрешни работи одлучи да не поведува кривична постапка против високиот функционер на ДУИ. Неофицијално, таа останала на ставот дека блискиот соработник на Али Ахмети само вербално ја навредувал поради тоа што вршела асистенција за подигање на неговото непрописно паркирано возило, а потоа самата се удрила од „пајакот“.

Многу понезгодна од прекршочната пријава за нарушување на јавниот ред и мир, за која е предвидена симболична парична казна, за Асани, барем на хартија, треба да биде истрагата што против него ја води Основното јавно обвинителство. Тој е главната „ѕвезда“ од 38. бомба што тогашната опозиција ја лиферуваше против носителите на власта. Таа, всушност, беше прва и последна во која се слушаат гласови на функционери на ДУИ. Целиот партиски врв на чело со Али Ахмети и Муса Џафери се обидуваа преку разговор со премиерот Никола Груевски да издејствуваат министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски да не го руши нелегалниот објект спроти американската амбасада на скопското Кале, чиј инвеститор е Асани. Вклучена е и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која предупредува дека доколку дојде до рушење, ќе се соберат голем број Албанци и ќе дојде до инцидент. Објектот не е срушен ниту ден-денеска.

Од СЈО вчера ни рекоа дека истрагата против Асани е отворена пред два и пол месеци и сѐ уште се преземаат потребните мерки и дејствија.

Истрагата го носи кодното име ‘Лидери’, поради телефонскиот разговор кој е објавен во т.н. бомби, а се однесува на договарање ‘политика’ на рушење на евентуално бесправно изградени објекти помеѓу двајца лидери на политички партии. Предметната истрага се отвора поради основано сомнение дека е сторено кривично дело бесправно градење, во која како осомничен е инвеститорот на објектот, изграден на локација спроти една странска амбасада во Скопје. Објектот е изграден во период од ноември 2011 до февруари 2013 година, и тоа без одобрение за градба и со површина од илјада квадратни метри“, наведуваат од СЈО.

Нивниот тим детално ги прочешлал документите од Општина Чаир, од каде што се правдале дека немаат ништо со спорниот објект, односно дека не можеле да го урнат поради тоа што Министерството за транспорт и врски им ги одзело ингеренциите. Во надлежното министерство го одбиле барањето на Асани за легализација, по што случајот сега е во рацете на судот.

Објектот куќа имаше само еден кат кога тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев првпат ја спомена во „бомбите“ пред три години. Денес станува збор за импозантен објект на пешачкиот остров на крстосницата кај амбасадата, Пластичарска, патот кон Шуто Оризари и касарната „Илинден“. Изгледа прекрасно и пусто. Има три ката, десетина уредени соби на катовите, прозорци со решетки, пространи балкони и празно приземје. Преку стаклата може да се видат остатоци од градежни материјали. До пред извесно време таму беше сместена продавница за паркети, дрвенарија и столарија. Интересно, нема влезна врата. Зад куќата се гледа една „капија“ со катанци, каде што некогаш имало врата, а сега е искорната. Околу вратата кружи еден човек, кој е задолжен да го надгледува објектот.

Бекир Асани вчера не одговараше на телефонските повици и пораки. Негови соработници ни тврдат дека во куќата никогаш не живеел никој. Внатрешноста е во луксуз, не се штедело на пари, но целта била куќата да се легализира, а потоа да се продаде. Бизнисот бил пред реализација со наводни турски инвеститори, но се изјаловил поради целата врева. Булеварот „Никола Карев“ е исклучително прометен, нејасно е зошто се инсистирало токму таму да се гради. На тоа место, Агенцијата за катастар на недвижности предвиде зеленило.

Приземјето му беше издадено на бизнисмен од Тетово, кој се занимаваше со градежни работи. На крајот побегна без да плати, остана должен околу 10.000 евра за кирија. Но не успеа со себе да земе сѐ, останаа вредни парчиња, има и блиндирани врати, кои сѐ уште стојат долу како залог за долгот. Покрај тоа, Асани поради притисок мораше да се тргне од претседателската функција во чаирскиот огранок, а остана и во зијан со куќата“, тврдат соработниците на Асани.

Тој никогаш не одговараше, иако заработи кривична пријава од полицијата, за претепувањето на Тодор Петров, како и на новинарот Лирим Дулови. На неговиот профил на Фејсбук сѐ уште доминираат фотографиите со Али Ахмети. Во „бомбата“ број 38, меѓу другото, Ахмети, откако ќе го праша како му се домашните и браќата, го „советува“ Асани да извадат од објектот барем по илјада евра од квадратен метар, на што добива одговор: „Ок, шефе“.

Горан Адамовски