Ципрас-Павлопулос: Потребен е консензус за име што ќе издржи низ времето


Потребни се уставни промени како за ерга омнес, така и за елиминација на иредентизмот, за да постигнеме решение што ќе издржи низ времето, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на почетокот на средбата со грчкиот претседател.

Грчкиот премиер, како што јави дописничката на МИА од Атина, во претседателската палата го извести претседателот Прокопис Павлопулос за разговорите за името и рече дека „се наоѓаме во критична фаза на преговорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение за името“.

– Сакаме решение што ќе издржи низ времето и ќе биде одржливо. Затоа не правиме избрзани чекори и главно, во секој детал, ги браниме основните аспекти на националната линија за изнаоѓање заемно прифатливо сложено име, кое ќе биде за севкупна употреба, и за надворешноста и за внатрешноста, за што предуслов е уставна ревизија, промена на уставното име, но и уставна ревизија што ќе доведе до гаранции за елиминирање на секаков облик на иредентизам, за да се тргнат пречките меѓу двата соседни народи, истакна Ципрас во почетниот дијалог во претседателската палата.

Тој додаде дека не станува збор за лесен, туку за тежок случај и затоа грчката Влада со него одговорно управува, но дека „во критичните прашања неопходно е да постои стремеж кон најголем можен консензус и компромис за да може решенијата да издржат низ времето“.

Грчкиот претседател на почетокот на средбата се фокусираше на тоа дека треба да има широк консензус. Говореше кусо, без да ги спомене неговите позиции.

– Политичките сили може да имаат разлики меѓу себе, разлики коишто се легитимни, би рекол природни во една вистинска демократија, но по нашите најголеми прашања, како што се националните, потребен е што е можно најголем консензус, за да издржат низ времето, рече Павлопулос.

По средбата со Павлопулос, што траеше нешто помалку од еден час, Ципрас си замина без да даде изјава за медиумите и го започна циклусот телефонски разговори со лидерите на политичките партии, јави дописникот на МИА од Атина.