Хуманитарна забава за 13. роденден на Аеродром
Општина Аеродром во сабота во паркот со авионот ќе го прослави 13.роденден. Роденденот овој пат ќе биде од отворен тип, со целодневна забава за граѓаните од сите возрасти. Градоначалникот Златко Марин денеска најави дека роденденската забава ќе има хуманитарен карактер. Програмата ќе почне точно на пладне со настап на децата од детските градинки и основните училишта со ритмички точки, балет, хип-хоп настапи, драматургија, соло пеење со флејта и народни ора, на кои ќе им се придружат магионичар и улични забавувачи. Во соработка со Црвениот Крст ќе се собираат средства за социјално загрозени семејства на територија на Општина Аеродром. Сите кои сакаат да помогнат можат на донираат на жиро сметката на Црвен Крст на Република Македонија – 300000000206646 Комерцијална банка или да ги доделат на лице место на настанот во специјалните кутии за донации.
„Исто така, го промовираме и социјалното претприемништво. За таа цел, здруженија од Општина Аеродром што работат со ранливи категории Лице в лице, Солем, Во мојот свет и Порака ќе ги претставуваат своите производи на повеќе локации во паркот“, информираше Марин. Забавата ќе биде надополнета и со спортски содржини, натпревари помеѓу основните училишта. Ќе се доделуваат награди за најдобар кошаркар, најдобар ликовен уметник и поет.
Во вечерниот дел, кој ќе трае до полноќ, забавата ќе ја збогатат професионални бендови и изведувачи од Аеродром со концерти на квартетот на Македонската опера и балет, Марко Кума и Црни, Бени со Нон Стоп и Златко Ориѓански и ќе заврши со журка со музика по избор на Драган Б. Костиќ. Програмата ќе ја води Нора Шаќири.