Хртковци блокирано, Шешељ одржа митинг во Јарак и предизвика инциденти


Поради силна полицијска блокада, лидерот на српските радикали Воислав Шешељ со активистите не успеа да влезе во селото Хртковци на северот на Србија, но сепак одржа митинг во 7 километри одалеченото село Јарак, при што настана инцидент.

Поради најавениот и забранет митинг на радикалите, селото Хртковци кое има 3.000 жители од утринава е под блокада од 1500 (според медиумите) полицијски сили и сите влезови во него се блокирани. И покрај забраната, лидерот на радикалите и хашки осуденик Воислав Шешељ со активистите успеа да дојде до 7 км. оддалеченото село Јарак, каде беше запрен од полицијскиот кордон. Тој одржа митинг пред своите сопартијци, со познатата иконографија, а на многубројните новинарски екипи, меѓу кои и од Хрватска, им изјави дека митинг во Хртковци е организиран за да го провоцира режимот поради забраната за митингот, а не граѓаните од хрватска националност.

Шешељ пријде и до полицијскиот кордон, каде изјави дека не сака да прави инциденти, по што замина за Белград. По неговото заминување, во Јарак настана инцидент, кога група членови на Либерално демократската партија (ЛДП) кои носеа транспарент со наслов „Шешељ е воен злосторник“ беше нападната од радикалите, а членот на претседателството на ЛДП Ѓорѓе Жујовиќ доби удари по главата, по што реагираше полицијата.

Кон Хртковци од полицијата беа спречени да влезат и повеќе пратеници од опозиционата Демократска странка (ДС) кои најавија контра митинг. Пратеникот од оваа партија Балша Божовиќ изјави дека кај наплатната рампа во Рума „не им е дозволено да поминат, бидејѓи полицијата добила наредба пратениците од таа партија да не се пропуштаат, а да се пропуштаат само радикалите и Воислав Шешељ.“

Тој додаде дека е скандалозно тоа што „на Александар Вучиќ му е полесно да се блокираат три села и половина Рума, отколку еден воен злосторник да се спречи во својата намера“.

За настаните во и околу Хртковци се огласи и претседателот Александар Вучиќ кој за ТВ Пинк изјави дека „се случил помал инцидент, одговорните ќе бидат уапсени, а сето останато поминува мирно“, додавајќи дека „наскоро се ќе биде решено и министерот за внатрешни работи ќе донесе решение за одблокирање на патот од Рума кон Шабац“.

Селото Хртковци во 1990-тите години беше синоним на протерувањето на Хрватите од Војводина, што се случи по говорот на Воислав Шешељ на 6 мај 1992 година, кога 700 Хрвати беа малтретирани и протерани од Србија, за што според правосилната судска пресуда во Хаг, Шешељ е осуден за воени злосторства на 10 годишна казна.