Хрватска делегација ја прекина посетата на Србија поради непримерното однесување на Шешељ


По инцидентот во српското Собрание, кога лидерот на радикалите Војислав Шешељ ја пцуеше хрватаската делегација и го газеше хрватското знаме, хрватската делегација предводена од претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ одлучи да го откаже состанок со министерката за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ и се повлече во Амбасадата на Хрватската во Белград.

Од Хрватската Влада информираа дека по телефонскиот разговорот на премиерот Андреј Пленковиќ со претседателот на Саборот Гордан Јандроковиќ, одлучено е хрватската делагација да ја прекине посетата на Србија.

– И покрај многу добриот почеток на официјалната посета и решеноста да се направи се најдобро за подобрување на односите на двете земји, поради овој чин, со кој сериозно е повредено достоинството на Република Хрватска и на хрватскиот Парламент, ја прекинавме посетата, се наведува во соопштението од хрватската Влада.

Тоа го потврди и портпаролката на хрватската Влада, Сунчана Главак, притоа изрекувајќи најостри осуди за „нецивилизираниот и неприфатлив чин на Воислав Шешељ со газењето на хрватското знаме, непочитувањето на хрватските симболи и навреди на сметка на хрватската деклегација и вториот човек на Република Хрватска“.

Хрватската делегација, како што соопштија од Кабинетот на српскиот претседател требаше утре да има средба и со Александар Вучиќ.

„Дивеењето на Шешељ“, по одлуката на хрватската делгација да се вратат во Загреб, најостро го осудија претседателката на српското Собрание Маја Гојковиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ ја започна дводневната работна посета на Србија со средбата со првиот спикер на српското Собрание, Маја Гојковиќ.

За време на посетата, Српската радикална партија (СРС) објави соопштение во кое се информира јавноста дека претседателот на СРС  Воислав Шешељ, ја пцуеше хрватската делегација и го газеше хрватското знаме во српскиот Парламент.

– Шешељ на влезот во Собранието го видел знамето на Хрватска, притрчал и го турнал бетонскиот држач, се обиде да го искине знамето, а потоа тој и пратеникот Филип Стојановиќ го газеа хрватското знаме, се наведува во соопштенеито, додавајќи дека „петмина членови на обезбедувањето не можеле да им го отргнат знамето“.

Потоа Шешељ се упатил во собраниската сала, каде што беше присутна делегацијата на хрватскиот Парламент. Според соопштението, тој им пристапил и им рекол дека „го изгазил усташкото знаме„ упатувајќи им притоа пцовки.

Во Салата на српското  Собрание се наоѓаа голем број новинарски екипи кои ја следеа посетата на хрватската делегација предводена од Јандроковиќ, но никој од нив не потврди дека го видел настанот.

Истовремено,пратеничката  на СРС  Вјерица Радета, на Твитер напиша дека таа партијата на 6 мај ќе одржи митинг во местото Хртковци во Војводина, каде Воислав Шешељ пред 26 години, според правосилната судска пресуда во Хаг, изврши воени злосторства.

– На Ѓурѓовден, на 6 мај, во 11 часот, Српската радикална партија ќе одржи голем народен митинг во центарот на Хртковци, на кој ќе говори Воислав Шешељ, напиша Радета на Твитер.