Ужасот од пожарите во Грција низ видеа и фотографии


Бројот на официјално потврдени загинати во вчерашните пожари во Грција е 50 лица, додека пак 172 се повредени од кои 11 сериозно, а по воден пат биле спасени 715 лица.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, го соопшти билансот од пожарите, до 11.30 часот по локално време.

– До овој момент во болниците во Атика, згрижени се 156 возрасни лица, од кои 11 се во сериозна состојба и се поврзани на апарати и 16 деца чии животи не се во опасност. Во овој момент, за жал бројот на жртвите е 50 лица. Противпожарната служба, во соработка со полицијата продолжува со тешката задача на евиденцијата и информирањето ќе биде континуирано. Од друга страна, бродови на крајбрежната служба и нуркачки единици, ја проверуваат областа за пронаоѓање на можни заглавени, додека до овој момент, извлечени се вкупно 715 луѓе, главно од областа Мати, рече Ѕанакопулос.

Тој додаде дека во спасувачката акција по море учествувале 12 брода на крајбрежната служба, 30 приватни чамци, додека пак од воената морнарица 1 фрегата, 2 брода, 3 хеликоптери и 3 глисери

Според портпаролот на грчката влада, продолжуваат напорите на државниот механизам за справување со последиците од вчерашните катастрофални пожари.