Убавите куќи убаво горат во Дебар Маало


Сопственикот на кафеаната „Мечка“ во скопско Дебар Маало вчера беспомошно гледаше во остатоците од изгорениот објект. Едни работници ја оспособуваа струјата, а други се обидуваа да го отстранат изгореното дрво пред ресторанот, кое не се даваше и жилаво се трудеше да остане на местото. Од познатиот локал остана само конструкцијата. Во внатрешноста има само пепел.

„Имам штета од 50-60.000 евра. Не, не ми е осигурана, тоа ме прашаа и инспекторите кажувајќи ми примери на сопственици кои намерно си ги палеле кафеаните за да наплатат осигурување. Па, како може да си го запалам локалот кога во истата куќа живеат моите две деца, сопругата, татко ми и мајка ми? Кога се случи пожарот, сите бевме дома. Нив ги качив на покривот од куќата. Среде ноќ, во три часот наутро во неделата. Први дојдоа војниците од Генералштабот, оддалечени стотина метри. По кратко време, три противпожарни возила го изгаснаа огнот. Важно е дека сите сме живи и здрави“, вели газдата.

Имав понуди сам да одредам цена

Од полицијата потврдуваат оти пожарот е подметнат, но сторителите не се откриени. Соседите објаснуваат дека на видеокамерите во еден од околните објекти се забележуваат маскираните напаѓачи, кои полеваат бензин на приземјето, палат оган и бегаат.

„Одговорно ви тврдам дека со никого немам нерасчистени односи, не должам пари или слично. Кафеаната не ни работеше последните години, значи не може да е конкуренција. Ја отворив пред 27 години, сега ќе ја реновирам и уште еднаш ќе ја отворам“, најавува тој.

И овој пожар, како и неколкуте во последниот период во куќи и ресторани го засилија стравот кај дебармаалци дека се цел на организирани напади со цел да ги продадат своите плацеви на атрактивната локација во строгиот центар на Скопје. Се сомневаат дека не може да е случајно што во последните година и половина изброиле десетина пожари во населбата, а сторителите не се познати.

„Свесен сум дека плацот што го поседувам е на исклучително атрактивно место, погодно е и за живеење и за бизнис. Трипати ми дошле дома и ме прашувале дали го продавам оставајќи ме сам да ја одредам цената. Одбивав. Ниту сега по пожарот не сум исплашен, останувам тука“, потенцира газдата на „Мечка“ не сакајќи да шпекулира околу мотивите на напаѓачите и препуштајќи им ја истрагата на надлежните служби.

Дебар Маало со години веќе ја губи битката со урбанизираноста. Населбата препозната во минатото со „мијачки белег“ на куќите, а во поново време по боемскиот живот, сега се претопува во големите бетонски зданија, кои му ја зедоа душата на ова скопско катче.

 

Животот стана неподнослив

„Животот во Дебар Маало е веќе неподнослив. Не можеме да се разминеме два автомобила по тесните улички кои се дополнително затнати со паркирани. Секое паркирање ми е стрес и нервоза – некој ме заградил или вртам кругови по половина час бидејќи нема паркинг-место. Староседелците ставаат бетонски блокови пред влезовите, така се бранат од несовесни паркирачи. Најубавата населба во Скопје се претвори во тесно грло во која наместо ‘добар ден’, кога се разминуваме, се гледаме попреку, ‘ржиме, се пцуеме. Летно време нема струење на воздух и ечи до небо од околните кафеани, а зиме нема паркинг за лек. Петнаесет години наназад наутро се будам со звуци на чукање брчење, трескање. Па живци – кабли да имавме, ќе попуштеа. Загадено и валкано. Брза помош и пожарна стасуваат со помош на трикови и магија. На мојата улица речиси и да нема игла кај да фрлиш и уште се гради. Со болно дете со температура се паркирам цели 15 минути подалеку од местото каде што живеам или влечам торби од набавка по неколку кварта. Се чувствувам мачно, небезбедно, неслободно. Уморна сум од врволицава, страв ми е веќе и велосипед да возам по овие улички“, резигнирана е новинарката Мимоза Петревска.

Паркингот е дозволен максимум два часа и чини 50 денари. Станарите имаат налепници на своите автомобили и за нив е бесплатен, но какво фајде кога не можат да најдат место дури и пред својата куќа. Гости, ресторани, кафулиња, општинска администрација, продавници…

„Мојот сосед ги продаде двата плаца. На едниот е изградена зграда од стотина стана, а на вториот уште една зграда со шеесетина станови. Инвеститорот вообичаено не дава пари во кеш, туку една третина или четвртина од тоа што ќе го изгради, па ти после продавај ги становите. Цената на квадратот се движи околу 1.500 евра. Можете да пресметате колку пари земал поранешниот сосед? Обезбедил генерации и генерации да живеат удобно и без стрес. Веднаш одзади има уште четири згради, додуша помали. Каде и да се свртиш – згради. Само што сега нема паркинг ни за новите жители ни за нас староседелците, а воздухот не може да струи од високите објекти“, коментира повозрасен жител на населбата.

Се присетува дека некогаш било уживање да се прошета по населбата, да се види со соседите, да мириса од липите и да седне во меана.

„Сега не ми се излегува од дома. Јас сум при крајот од животот и затоа не мислам да се отселам, а младите нека размислат што ќе прават. Вака веќе не оди“, посочува нашиот соговорник.

Првите доселувања пред еден век

Маалото настанало од прогонети Македонци од делови на Западна Македонија кои со сила биле раселени и своето ново место на живеење го нарекле според името на етнографскиот предел од каде што дошле. Местото каде што било лоцирано ова маало било едно од поновите предградија на Скопје. Пред тоа, на ова место постоеле градини и ниви. Првите куќи биле подигнати во 1920 година од страна на браќата Петар и Андреја Митровиќ и од Јован Поповиќ. Тие потекнувале од Голо Брдо, регион што по 1918 година ѝ припаднал на соседна Албанија. Спомнатите дебарчани во 1919 година се населиле во Скопје, каде што купиле плацеви и изградиле куќи. Овој простор сè уште не се сметал за градски, туку спаѓал во атарот на селото Долно Водно. Во триесеттите години на 20 век, по економската криза, во Дебар Маало почнале да се доселуваат и жители од стариот дел на Скопје. Напуштањето на старите реони во Скопје било резултат на тешкиот економски живот. За продадениот имот во стариот град, или како што го нарекувале Старо Скопје, можело да се купи нов плац на периферијата за градење куќа и да се намират долговите на фамилијата и слично.

Од Железничката колонија и Учителската школа, сè до 1920 година, Дебар Маало било одделено со празен простор што го населувале доселениците. Дебармаалците биле прочуени ѕидари. Овој занает се пренесувал од генерација на генерација. Ретко некој член од ѕидарска фамилија се занимавал со друг занает. Жените во Дебар маало, освен вршењето на сите женски домашни работи, се занимавале со везење и на тој начин заработувале пари.

Дебар маало главно било населено со сиромашно население, но во него имало и „многу куќи на кат“, односно куќи на побогати семејства. Куќите во ова маало биле градени од тврд материјал и плитар, но со оглед дека биле градени според економските можности на секој доселеник, честопати биле дивоградби и без план. Внатрешното уредување на дебармаалските куќи било полуградско, а во некои фамилии се спиело на под. Имале мебел кој со себе го донеле од старото место на живеење. Мебелот се состоел од кревети, ормани, маси, столови, отомани и слично.

Животот во Дебар Маало бил мирен. Самите дебармаалчани биле способни и вредни, а тоа особено се однесувало на Мијаците. Меѓусебните односи биле добри, но сепак со некоја одвоеност. Мијаците се дружеле со Мијаци, скопјани со скопјани, односно меѓу нив имало повеќе разбирање отколку со жителите доселени од другите краишта.

Во Дебар Маало имало неколку дуќани од кои се снабдувало населението. Наброените дуќани, млекарници, фурни и слично, служеле за задоволување на секојдневните потреби на дабармаалците, додека со сите други производи се снабдувале од градските пазари и дуќани во чаршијата и во градот. Со ваков начин на живот, жителите од ова маало постепено се вклопувале во градскиот живот, пишува на интернет-енциклопедијата „Википедија“.

Горан Адамовски