Тони Китановски одбележува 30 години на џез-сцената: Тврдоглавоста ми донесе и привилегии


Триесет години уметничка дејност годинава одбележува македонскиот џез-гитарист, аранжер и композитор Тони Китановски. Заокружувањето на трите децении ќе биде проследено и со концерт во рамките Скопскиот џез фестивал в недела, на 21 октомври, во Македонската опера и балет.

Китановски деновиве го издаде и го промовираше својот најнов албум со наслов „Big City Scare“. Овој музички материјал е производ на неговиот нов состав, квинтетот „Панда“. Покрај Китановски, членови се и саксофонистот Кирил Кузманов, трубачот Трајче Велков, басистот Кирил Туфекчиевски и тапанарот Виктор Филиповски.
Концертот в недела ќе биде во два дела. Во првиот ќе се случи промотивното претставување на најновиот материјал, а во вториот дел ќе се придружат и постари соработници на Китановски и негови пријатели.

Меѓутоа, на овој концерт и првпат ќе застане на сцената со Американецот Џон Сас на туба.
– Ќе бидат вклучени и саксафонистот Дејв Вилсон, Пјеро Осамбела на кахон, пијанистот Васил Хаџиманов и Асан Рашит од „Черкези“. Членовите на „Черкези“ се присутни речиси половина од годините што јас ги одбележувам – вели Китановски.

На овој албум тој е комплетен автор на сите седум композиции.
– Музиката е различна малку бидејќи и мене ми се смени главата. Новина е што имаме и поинаков наслов на овој состав. Нема повеќе „Тони Китановски и ова“ или „Тони Китановски и тоа“, туку сме малку порамноправни барем во насловот. Го одбрав името „Панда“, тоа е моето ново духовно животно бидејќи е црно-бела и доаѓа од Азија. И во тој дел сме мултикулти, исто како што е и музиката на самиот албум – вели Китановски.
„Со сите светла, сjaj и технолошка комуникација, луѓето сè уште се плашат од темнината. Се плашат за преживување и нивните проблеми со парите, а најлошиот страв од сите е оној кој ја убива љубовта. Се чини дека некои работи не се менуваат, па макар поминале и милиони години“, запишува Китановски за албумот и додава дека и неговиот соработници понекогаш се плашат, но го плашат и него, особено со способноста да реагираат во вистинскиот момент и да создадат нешто од ништо.

Понатаму, запишува Китановски, но тие не се плашат да направат искрен музички документ во само еден жежок ден.
„Имавме само неколку проби, за да не се зближиме или да станеме комотни со музиката. Композицијата ‘Шеба’ претходно не беше ниту еднаш свирена, а беше снимена од прва“, дополнува тој.

Китановски вели дека кога нешто се сака, не е тешко да се прави, па макар тоа траело и триесет години.
– Повторно би го направил истото. Не би сменил ништо. Кога работам, секогаш сум искрен кон себеси. Се изборив за некоја привилегија бидејќи и како тинејџер бев тврдоглав и правев само тоа што сакам и кога сакам, а тоа го правам и ден-денеска. Полека се собираат работите и малку и мене ми паѓа чудно кога ќе погледнам што сè сум направил, но си велам добро е, живеј – вели Китановски.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски