Изложба посветена на примадона Милка Ефтимова за време на 52. Мајски оперски вечери


Фото: Б. Грданоски

Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата, премиерно поставена, лани,  во декември, во Музејoт на македонската борба за самостојност, ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.

„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Милка Ефтимова ( 1936, Радовиш) како оперски и концертен уметник, алт и мецосопран певица, е доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.

Ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и по прекрасниот глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје.

Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.

Пред три години излезе од печат библиографија за нејзиниот уметнички пат, послан со цвеќиња „Моето богатство“ – од музичките почетоци во родниот Радовиш, отворањето на нејзиниот музеј во родниот град, присуството  во општествено-културниот живот, потсетување на освоените награди, признанија, медали и благодарници, ревијата на нејзините костими за хумана цел, секојдневниот живот исполнет со дружење со семејството, пријателите, учениците, дипломатскиот кор…

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија ја одликуваше Милка Ефтимова со Орден за заслуги на Република Северна Македонија, во март, 2022.