Стејт департмент: Македонија соработува во антитерористичките напори
Македонија соработува со Соединетите Американски Држави во антитерористичките напори и е членка на Глобалната коалиција за пораз на Исламаска држава, стои во денеска објавениот извештај на Стејт департментот за тероризмот и насилниот екстремизам.
Македонските власти проценуваат дека припадници и симпатизери на ИСИС се присутни во државата. МВР и разузнавачките агенции проценуваат дека најмалку 150 македонски државјани патувале за да им се приклучат на терористичките групи во Сирија и во Ирак. Од нив, 30 се убиени, 40 и понатаму се присутни таму, додека 80 се вратиле во Македонија, стои во извештајот.
Се посочува дека Македонија презема мерки за зацврстување на легислативата и зајакнување на капацитетите за борба против терозризмот и неговото финансирање, како и за зајакнување на сајбер безбедноста и соработката со меѓународните партнери.
Македонската гранична полиција и царина се членки на иницијативата за гранична соработка, чија цел е да се формира прекугранична работна група за гранична безбедност од Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора, за борба против корупцијата, криумчарење, транснационалниот криминал и тероризам.