Состојбата вонредна, администрацијата партиска


Анита Салтировска

Кога конечно ќе се испазариме, за веќе да не се пазариме? Или, ако е ова недостижна цел од прва, барем да се договориме дека ќе се пазариме само за стратешки цели?
Во ова светло, додека Собранието се загрева за последното гласање за Преспанскиот договор, бројните огласи за вработување на државни и јавни службеници стануваат веднаш појасни. Ама тоа не ги прави помалку горчливи за прифаќање.
Апансас, 200-300-400 новоогласени работни места на сигурно, со релативно добра плата, најмногу од нив со осумчасовно работно време во пристоен (лизгачки) термин од 8-9 наутро до 4-5 попладне, пет дена во неделата, малкумина би одбиле. Па макар дел биле и на определено време, до крајот на годинава.
Загрцнувачкиот дел е што не се достапни за сите. И што не се специјалност на оваа Влада. Позната е шемата на масовни партиски вработувања: пред избори, како обезбедување на партијата на власт и по избори, како благодарност или како поттик, во зависност чија е победата. Но, Преспанскиот договор измести сѐ во државава, па и оваа практика.
За нештата да станат појасни, еве еден тазе разговор со еден административец. Ми вели: „Да, со несоодветно школо вработуваме во кабинетот на директорот, оти деновиве треба да се изгласа Договорот со Грција. Како да влеземе во НАТО и да почнеме преговори со ЕУ ако не помине Договорот во Собрание? Најискрено, гледај ја големата слика, ај обезбеди мнозинство со принципелен став дека нема партиски вработувања, кога од ‘НН’ партија ти велат ако не ми го примиш тој, некој што ги задолжил, не ти гласам. Многу е лесно однадвор да се критикува. Да ги натераш сите цицачи да бидат ‘за’ е мачно“, ми вели административецот. Го прашувам кога ќе престане ова? Вели, кога ќе почнат интеграциите и ќе ни наметнат сериозната реформа на администрацијата. И уште критикува дека сите ја сакале комоцијата да оценуваат однадвор, а кога премиерот им предлагал на стручни и етаблирани лица да дојдат на важни позиции, тие што се саглам одбивале воопшто да конкурираат.
И го отвора прашањето на компетенциите, на критериумот знаење и на нивната важност пред претстојните големи процеси. Примерот со Хрватска, како регионално најблизок, е доволно предупредувачки. Таму има консензус дека по вина на администрацијата Хрватска влегла неподготвена во ЕУ. Кај нас, поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, во интервју, на прашањето дали администрацијата е подготвена за тешките преговори за влез во ЕУ, одговори – Утре можеме да ги почнеме преговорите. Може ли, навистина, сега, 10-тина години подоцна, македонската администрација да ја сработи домашната работа? Јавниот повик на вицепремиерот Бујар Османи за вонредна состојба во администрацијата, од добронамерните, беше сфатен како последно предупредување дека таа се прави за да се осигура дека ќе се испорачаат бараните реформи. Што прочитаа лошонамерните, не споменувам. Ама дали една држава е проевропска ако фрчат огласи меѓу два Божика, останува отворено прашање.
Критериумите за неполитизирана и непартизирана администрација се неизбежни во сите извештаи на Европската Комисија. Како една од оние што останаа во земјава, верувам дека Македонија може да стигне до унифицирана, транспарентна и одговорна јавна администрација. И дека, некогаш, вработувањата во неа ќе излезат од политичката категорија „поделба на пленот“.
А, дотогаш, ќе биде вака како што е. Или, барем до 3 февруари. Тогаш се очекува да бидат распишани претседателските избори, и државните вработувања ќе мора да секнат. Веројатно, до новиот проблем што ќе бара нови отстапки.