СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сложно ги носат реформските закони


Речиси без дискусија и со по 86 и 87 гласа „за“, во парламентот попладнево се донесени три закони од реформскиот пакет за кои беше потребно двотретинско мнозинство.

Во обезбедувањето на кворумот за донесување на законите за заштита на сведоци, за формирање на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите асистираа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, на кои ова им е втор работен ден по прекинувањето на бојкотот, а откако синоќа не успеа интерпелацијата против Владата.

Законот за заштита на сведоци, кој се носи на барање на Специјалното јавно обвинителство, помина во рамки на продолжението на 22 седница, а законите за ОТА и за следење на комуникациите беа изгласани на новата 41. седница, чиј дневен ред беше експресно исцрпен.

Сепак, пленарните седници почнаа со поголемо задоцнување, бидејќи координцијата меѓу пратеничките групи се одложи повеќе од планираното.

Од реформскиот пакет останува да се донесат законите за судови и за Судски совет, како и за јавното обвинителство и кривичната постапка, кои се на дневен ред 34. и на 35. седница. Спикерот Талат Џафери рече дека дополнително ќе информира кога ќе продолжат овие седници, поради, како што посочи, потребата од дополнително усогласување меѓу пратениците.