Санторињос: Сложено име за севкупна употреба и промена на Уставот


Продолжуваат преговорите на ниво на министри за надворешни работи, вели заменикот министер за поморство на Грција, Нектариос Санторињос, во однос на средбите во Виена, без притоа да открие дополнителни детали за разговорите меѓу двајцата шефови на дипломатиите и медијаторот Метју Нимиц.

Санторињос, во интервју за грчката телевизија Скај, ги повтори грчките позиции за сложено ерга омнес име, објаснувајќи дека „не може да го смениш името за севкупна употреба и за во внатрешноста на земјата, ако не го смениш Уставот“.

-Нашата позиција е јасна сложено име за севкупна употреба и кога велиме за севкупна употреба мислиме и во внатрешноста на соседната земја. Кога велиме за севкупна употреба, предуслов е промена на Уставот, вели Санторињос и додава дека Атина нема да отстапи од овие позиции.

Заменик министерот за поморство, вели дека е особено важно тоа што Македонија направи промени во имињата на аеродромот и автопатот, што според него е важен чекор и отстапување од иредентизмот.

Во однос на несогласувањата од коалициониот партнер во владата, Панос Каменос, Санторињос вели дека Грција, веќе одамна има прифатено име со терминот Македонија.

-Во овој момент, немаме една земја што нема име. Има име, секако привремено име за кое имаме потпишано ние, во кое е вклучен терминот Македонија и исто така имаме и 130 земји што ја имаат признаено под нејзиното уставно име, рече заменик министерот за поморство на Грција, пренесува МИА.