Рецензија: „Зое“


Заглавието на рецензијава за „Зое“ во режија на Дрејк Доремус, со Еван МекГрегор, Леа Сејду и Кристина Агилера, е парафраза од филмот на Ридли Скот „Блејд Ранер“ изговорена од преубавата репликантка. Во случајов на оваа продукција, Ридли се јавува како продуцент обработувајќи слична тема. Само тука роботите се наречени синтетични. Според мене, ова е една далеку послаба визуелизација и соноризација на истата тема бидејќи проблемот е префокусиран на односите луѓе – роботи. Бидејќи насушната потреба на човечкиот род кој гладува по љубов е да си најде сродна душа, а ова со природниот тек на нештата многу ретко се случува, индустријата доаѓа на идеја да произведе синтетички хомосапиенси со цел да ја пополни оваа несреќна јама во сивиот пејзаж наречен хуманост. Доколку се наиде на совршен модел, тогаш истиот ќе почне да се произведува сериски (ова го имаше и во филмот на Спилберг „А.И.“). Но, дали ова е решението на проблемот? Оваа според мене најголема дилема во просторот на сериското производство на љубовта воопшто не е зачната. Бидејќи тогаш оние што ги набавиле овие сериски произведени и сосема идентични андроиди, поведени не само од емоциите, но и од законот на пазарно стопанство, сигурно би протестирале за добивање на идентичен артикл во сферата каде може да има само уникати. Имено секој се стреми да верува дека токму неговиот објект на љубовта е уникатниот. Секој кој е вљубен на пр. на саканата би ѝ рекол „љубов моја единствена“, а не „љубов моја технички совршено обликувана“. Секој би сакал да верува дека е со објектот на својата љубов на пуст остров, а не во производна хала за прототипи. Не е тешко да се погоди дека еден прототип постои само за еден тип субјект; љубовта е хемиска реакција која не може да биде поливалентна. Таа инсистира на чистота. Сака да се прочисти од сите оние елементи што го попречуваат совршеното спојување. Како таква е ексцентрична во својот стремеж. Значи, љубовта не може да биде подредена на законите на пазарната економија. Се знае дека проституцијата е дрога. Посилните места на сценариото на овој филм, пак, се сцените поврзани со лабораторијата каде што андроидите одат на евалуација на својата синтетичка емоционалност. Тука сижејно е разработена една многу интересна проблематика, односно хуманоста, од која произлегува дека всушност вештачките битија се многу поголеми луѓе од човекот. Андроидите секогаш попуштаат, имаат разбирање за проблемите на луѓето, пожртвувани се за повисоките вредности, многу малку бараат за себе. На ова луѓето им одговараат дека е тоа така бидејќи така биле програмирани за разлика од нив.

Но зарем луѓето не се луѓе затоа што хуманоста им е вродена? Со генерации создавана, генетски врежана, породена од цивилизациските текови таа е непобитност на човечкиот род. Сепак, како што е тоа многу вешто доловено низ спонтаните дијалози, кај луѓето егоизмот надвладува. Тоа е најмрачната страна на човештвото кое настојува сè да има своја цена. Љубовта нема цена, таа едноставно постои. Така додека научникот настојува да среди некои работи технички, тој не добива емоционално возвраќање. До тоа доаѓа дури откако ќе се научи да се препушта. Особено интересна е сцената со уредот кој успева со ѕидни проекции да ги визуелизира мислите, но би сум се осмелил да прокоментирам дека не е нова бидејќи иста ваква има во еден драмски текст на потписникот на овие редови.

Вистински скапоцен камен во оваа продукција е интерпретацијата на Леа Сејду која пред сè е професионално филмична. Зашто во неа беа доловени цели томови на емоции само низ сјајот на очите на фонот на нејзиното француско лице од алабастер. Не случајно е една од најбараните. Како и секогаш досега, потписникот на овие редови ги опфаќа и другите активности од фелата доколку неопходно. Значи, таа е една од рицарите кои го срушија Харви Вајнстајн. „Беше голем и дебел кога ми се нафрли во хотелот. Едвај го совладав“. Напасникот едноставно не знаеше дека таа е француска аристократка која не може професионално да ја заплаши како другите пред неа. Таа беше првата која кажа за ова што доведе до неговиот професионален крај, притвор и затвор!

Игор Поп Трајков