Ракомет, ЛШ: Вардарки го збришаа Тирингер


Целта е исполнета. Ракометарките на Вардар го совладаа Тирингер со 29:21 и со максимален ефект и осум бода се селат во главната фаза од годинашната Лига на шампиони (ЛШ). Најефикасна на натпреварот беше Александра Лакрабер со седум гола, Јованка Радичевиќ постигна шест, Полина Кузнецова додаде пет, а Андреа Пенезиќ четири. Гостинскиот состав го предводеше Лузумова со шест погодоци.

Отпорот на германскиот вицепрвак во СЦ „Јане Сандански“ беше скршен во второто полувреме по нерешените 12:12 на паузата. „Црвено-црните“ уфрлија во поголема брзина што значеше и резултатско одлепување, а потоа и безбедно приведување на натпреварот.

Следува пауза во женската ракометна ЛШ, но одмор ќе нема за ракометарките, особено за оние кои со своите селекции ќе настапат на претстојното Светско првенство во Германија. Елитното клупско натпреварување на ЕХФ продолжува во јануари и во февруари со натпревари во двете новоформирани групи. Противници на вардарки ќе бидат екипите на три од четирите позиции во групата Д што моментно ги држат Мец, Битингхајм и Будуќност.