Прво нацрт спогодбата ќе стигне во Македонија, а потоа Коѕијас
Нацрт-спогодбата е подготвена, доставена е од грчкото МНР до грчката Влада и веројатно прво ќе биде испратена до Македонија, а потоа шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ќе допатува во Скопје.
Министерот за надворешни работи на Грција, говорејќи утрово за првата програма на грчкото државно радио, откри дека грчкиот предлог е завршен и оти според неговите претпоставки во март ќе дојде во Скопје, а не во февруари, како што се пишуваше. Патувањето во Скопје, Коѕијас, сака да го одбележи со мал, симболичен настан.
– Размислувавме дека можеби би било добро, на некој начин, да направиме еден мал, симболичен настан за да го потенцираме фактот дека се менува текот на работите. Наместо да имаме ескалација на националистички „напади“ со симболи против Грција, имаме ограничување и отстранување на иредентистичките симболи што го преплавија Скопје, рече Коѕијас, кој во однос на содржината на Нацрт-спогодбата повтори дека е содржано името и изведените зборови, но избегна да каже дали станува збор за предлогот Горна Македонија, исто како што избегна да каже колку имиња се предложени од грчка страна.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Коѕијас уште еднаш го повторил ставот на официјална Атина, дека за договор потребна е промена и на уставното име, бидејќи Грција „инсистира на тоа дека договорот треба да опстои во времето и да ги решава проблемите, а не да создава нови“.
– Начинот за да се обезбеди стабилност на името за кое што ќе се договориме, е да помине од Уставот. Бидејќи, како што знаете, не може во твојата надворешна политика да се викаш со некое А име, а во внатрешната со Б име, истакна Коѕијас.
Запрашан за изјавата на премиерот Заев за договор во март, шефот на грчката дипломатија рече дека не знае и не е сигурен дали следниот месец би можело да се затвори долгогодишниот спор.
– Не знам, не сум сигурен. Ако господинот Заев има покомпромисно расположение од она што го има покажано досега, да. Но, рече дека во март ќе биде завршено и паралелно излезе со изјави што не покажуваат компромисно расположение, нагласи шефот на грчката дипломатија во интервјуто за утринската емисија на првата програма на државното радио, пренесе МИА.
Никос Коѕијас, упати критики и до опозициските партии. Рече дека „Заев има право кога вели дека никој не побарал промена на Уставот“, бидејќи претходните грчки влади не го барале тоа, а на сите оние што не се согласуваат терминот Македонија да биде вклучен во името, шефот на грчката дипломатија им објасни дека уставното име е признаено од 140 земји.
– Сега се обидуваме да создадеме едно сложено име. Некои се однесуваат како оваа земја да се формираше вчера и денес одлучуваме како да се вика. 25 години се вика Република Македонија од мнозинството држави на оваа планета. Тие што носат одговорност што стигнавме до тука до каде што сме, нѐ караат нас дека не почнуваме од некоја непостоечка основна, односно да не постои името Македонија, појасни Коѕијас.