Прва пресуда за Мијалков на Денот на жената


Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, на Денот на жената, 8 Март, ќе ја слушнат пресудата за случајот „Титаник 2“ за изборните нерегуларности што ги договарале на локалните избори во 2013 година за да се повтори гласањето во Струмица, каде што победи сегашниот премиер, а тогашен кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Сите обвинети се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а против ексдиректорот на УБК е поднесен обвинителен предлог за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание. За неговите дејствија е предвидена казна до пет години затвор, но последниот збор дали Мијалков и Тачи ќе бидат осудени ќе го има судечкиот совет на чело со судијата Огнен Ставрев.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи, која го води овој случај, во завршните зборови побара осудителни пресуди и затворски казни за сите обвинети, за Мијалков, Тачи, но и за останатите обвинети поранешните членови на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими од ДПА, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Одбраната, пак, на обвинетите порача дека судот треба да донесе ослободителна пресуда повикувајќи се правното мислење на Врховниот суд, односно дека обвинението е поднесено неовластено и по истекот на периодот од 18 месеци, кој е одреден за поднесување обвиненија од СЈО. Ибраими, кој беше најбунтовен во текот на целото судење, во завршниот збор повтори дека им се суди за штета на буџетот од 413 евра.

„Наводната спорна штета што ја најави СЈО беше 114 илјади денари, за на крај, во согласност со наодите на вештакот, да утврди дека штетата за повторување на гласањето изнесува 26.011 денари или 413 евра“, рече Ибраими.

За Фетаи материјалната штета е законско обележје и таа не е суштината на овој предмет.

„Овде се работи за атак на изборниот систем, настапило развлекување на изборниот процес“, истакна Фетаи.

Според обвинението, Мијалков ургира кај Тачи кој, пак, му наложува на тогашниот член на Државната изборна комисија, предложен од неговата партија, Ибраими, да гласа за поништување на гласањето во Струмица. Бедредин Ибраими од ДПА го менува своето мислење и заедно со обвинетите Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ ги надгласуваат колегите од СДСМ и ДУИ и гласањето во Струмица се повтори.

Разговорите меѓу Тачи и Мијалков беа јавно објавени и граѓаните слушнаа како Мијалков му се јавува на Тачи и ургира кај него за гласање на седница на ДИК.

„Ало, итна ургенција. Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица“, му вели Мијалков на Тачи. Тачи веднаш одговара: „Може, одма“. Потоа следува разговор меѓу Тачи и Бедредин Ибраими, во кој Тачи му вели: „Сега ја имате Струмица, ќе гласате за да се поништи, зашто сме договорени за Чаир“.

Мијалков е се уште во куќен притвор, а по одлуката на Врховниот суд, кој ги пушти од притвор бизнисмените од „Империја“, иста одлука се очекува и за поранешниот шеф на УБК. Неговото име беше споменувано во политичките пазарења на власта за обезбедување на мнозинството во парламентот за уставните измени за промената на името на земјава. По усогласувањето на новиот предлог закон за Специјално јавно обвинителство, кој треба да биде изгласан во Собранието, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вели дека е можно некој да се спаси, но и да има плус обвинети.

Со правното мислење на Врховниот суд, со кое е утврдено СЈО да не може да покренува обвиненија и истраги после јуни 2017 година, се отвора можност пресудите на пониските судови да паднат пред Врховен. (Ф.Ф.С.)