Почина легендарниот руски баритон Дмитри Хворостовски


Легенадарниот руски операски пејач Дмитри Хворостовски, кој две години водеше борба против тумор на мозокот, почина на 55 годишна возраст, потврди неговото семејство.

„Од името на семејството Хворостовски, ве информираме дека почина Дмитри Хворостовски – оперски баритон, сопруг, татко, син и пријател почина на 55 годишна возраст“, стои во порака што семејството ја објави на Фејсбук.

Понатаму, соопштуваат дека по две и пол годишна битна со ракот на мозокот, Хворостовски починал мирно во неговиот дом во Лондон.

Хворостовски во 2013 година гостуваше на Охридско лето и на сцената на Античкиот театар изведе оперски арии од Белини, Бизе, Чајковски, Глинка, Хачатуријан, Рубинштајн, Верди и од Вагнер во придружба на оркестарот и хорот на Македонската опера и балет.

Хворостовски при престојот во Македонија беше придружуван од неговото семејство и не го криеше воодушевувањето од природните убавини на земјава.

За македонските медиуми тогаш изјави:

„Македонската публика е многу топла, пријателска, многу бев возбуден што пеев на оваа прекрасна сцена, возбуден од сета оваа убавина што ме опкружува. Бевме благословени и со прекрасно време. Многу сум среќен што дојдов. Не ми требаше многу за да прифатам да дојдам на фестивалот. Сигурно пак ќе дојдам и ќе го донесам целото мое семејство овде“