Поради изградбата на автопатот Скопје-Приштина, косовски град остана во карантин
Затворањето на патот Приштина-Скопје, на потегот меѓу Качаник и Генерал Јанковиќ, сосема им го смени животот на жителите на косовскиот град на границата со Македонија, пишува во денешното неделно издание „Коха Диторе“.
Многубројните ученици од Генерал Јанковиќ кои учат во стручните средни училишта во Качаник до сега за да стасаат на училиште излегуваа од дома 15 минути пред почетокот на наставата, а сега патуваат по повеќе од еден час, и најчесто доцнат. Уште повеќе губат оние кои учат во Урошевац – тие изостануваат од последните два часа за да можат да ги фатат последните автобуси за дома.
Последици чувствуваат и локалните бизниси. Една компанија го прекина сообраќањето на линијата Качаник-Генерал Јанковиќ, а оние кои продолжуваат да возат двојно ги зголемија цените. Таксистите од Генерал Јанковиќ до Качаник возат за пет пати повисоки цени одошто досега. Никој не го напушта пограничниот град ако нема некоја голема мака, пишува приштинскиот весник.
Од 8-ми мај, кога Министерството за инфраструктура го затвори патот поради честите одрони, им се сменија плановите на сите кои имаат работа надвор од градот, а им се менуваат плановите и на оние кои имаат намера да патуваат за Генерал Јанковиќ, па и за Скопје. Како што јавува дописникот на МИА од Приштина, за да се стигне до градот или до границата на Блаце, сега треба да се поминат десетици километри повеќе, низ тесен и змијолик пат. Така, на пример, ако досега од Приштина до Блаце се патуваше околу еден час, сега се потребни два часа. Друга алтернатива е да се оди преку граничниот премин Јажинце, но од Приштина до Скопје по овој пат, наместо 90-ина километри, како досега преку Качаник, сега преку Јажинце и Тетово треба да се поминат околу 150 километри.
Министерството за инфраструктура најави дека работите за реконструкција на спорниот дел од патот Приштина-Скопје ќе траат околу еден месец. Жителите на селата од Качаник и од Генерал Јанковиќ, поради големите проблеми кои им ги предизвика ова затворање на патот, побараа и оставка од надлежниот министер.