Полицајката проговори: Асани не ме нападна, сама се удрив
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се сретна со полициската службеничка Јасмина Јаначковска, со цел лично да се информира за вчерашниот инцидент.
Функционерот на ДУИ, Бекир Асани вчера ја нападна полициската службеничка, при кревање на неговото возило со специјално возило на „Пајак“ – службата.
Таа, како што се наведува во соопштението на МВР, била вербално нападната додека ги извршувала своите работни задачи на крстосницата на булевар „Гоце Делчев“ и улица „Филип Втори“ во Скопје.
При подигање на патничко моторно возило „Ланд ровер“ со скопски регистарски ознаки со специјално возило „пајак“, Јаначковска беше вербално нападната од Асани, кој е сопственик на возилото, се додава во соопштението.
– Во текот на вршењето на редовна контрола забележав неколку возила кои се непрописно паркирани. Според процедурата, возилата ги фотографиравме, и започнавме со нивно подигање. Во тој момент пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А. и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници, го информирала Јаначковска министерот.
На прашањето од министерот дали имало каков било физички контакт и зошто полициската службеничка побарала медицинска помош, Јаначковска објасни дека со лицето Б.А. имала само вербална расправија, меѓутоа при повлекување од местото на настанот таа се удрила со левата рака во специјалното возило „пајак“, но не се здобила со посериозна повреда, што било констатирано и при лекарскиот преглед во ГОБ Св. Наум Охридски.
Министерот Спасовски и оддаде признание на Јаначковска за нејзиното професионално постапување и истакна дека ги охрабрува сите полициските службеници да постапуваат неселективно и професионално, согласно нивните законските овластувања.
– Полициските службеници кои постапуваат професионално, од мене како министер и од целото раководство на МВР ќе имаат целосна поддршка. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Заврши времето кога некои беа поеднакви од другите, рече Оливер Спасовски.