По две години од смртта: Владата ѝ подигна споменик на Есма


Вечното почивалиште на Есма доби спомен-обележје. На бел мермер е поставена нејзина слика, испишан е животниот век, а е уредена и околината на гробното место. Според напишаното, споменикот на Реџепова-Теодосиевска го подига Владата на република Македонија.

Подигнувањето на спомен-обележје на кралицата на ромската музика на нејзиното вечно почивалиште доаѓа по две години од нејзината смрт. Во изминатиот период, гробното место на Есма беше речиси необележано поради недоразбирања меѓу нејзините внуци и посвоените деца.

Оставинската постапка е во тек. Додека се чека судската разрешница, домот кој се наоѓа на улицата „Самоилова“, близу Музејот на современа уметност, е затворен, но не и пломбиран. Музејот, во чиј резиденцијален дел живееше Есма, има 750 квадратни метри, а дворно место околу 1.300 квадратни метри. Во него се изложени предметите што со сопругот Стево Теодосиевски ги добивала откако се вратила во Скопје и тие што се донесени од животот и кариерата во Белград.

Есма почина во Скопје во декември во 2016 година по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Во тестаментот навела дека куќата ѝ ја подарува на РМ, односно на Министерството за култура, под услов куќата да прерасне во музеј, дом на хуманоста и музиката на Есма и на Стево Теодосиевски, и овој имот да служи единствено за продолжување и почитување на делото на сопружниците. Во тестаментот се бара идниот наследник да го уреди целиот имот со повеќе спомен-соби, да изгради амфитеатар – летна сцена, и за управител на целиот имот да се прифати хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“.

Од Министерството за култура нè известија дека во моментот постои законска пречка за прифаќање на ваквиот условен тестамент, од причини што ќе предизвика фискални, стручни и други импликации. Ќе треба да се исполнат и посебни услови за куќата да може да се прогласи за музеј, предвидени со Законот за музеите и Законот за заштита на културното наследство.

„За исполнување на овие услови, Министерството за култура иницираше постапка до надлежни институции и установи да направат евалуација и валоризација на домот на Есма, како и на недвижниот имот и на аудиовизуелниот опус и фонотеката. По завршување на постапката за валоризација и категоризација од страна на стручњаците, Министерството за култура ќе може дополнително да информира за законските можности за прифаќање на условот од тестаментот“, ни изјавија претходно од ресорното министерство.

Есма ќе ја паметиме како естраден уметник за кој пишуваа и светски престижни весници како „Монд“ и „Њујорк тајмс“, како хуманист и чувар на ромската и на македонската песна, активист, пријател и жена. Во 2013 година ја доби и титулата национален уметник на Република Македонија. Во текот на 55-годишната кариера одржа над 12 илјади концерти ширум светот, сними 15 албуми и посвои 48 деца. Има објавено две монографии за Есма. Во 2013 година со Лозано нè претставуваше на песна на Евровизија во Малме, Шведска, со песната „Пред да се раздени“.

Л. Сабит   Фото: Б. Грданоски