„Оскарите“ се најголема ноќ за дизајнерите : Големи филмови, големи ѕвезди, висока мода


Големи филмови. Големи ѕвезди. Висока мода. Кога ѕвездите ќе продефилираат на црвениот килим на доделувањето на „Оскарите“, тоа не само што ќе биде најголемата ноќ во Холивуд, туку и најголемата ноќ за славните дизајнери.

Долгата парада жени во гламурозни тоалети и скап накит, која почнува во јануари со доделувањето на наградите Избор на критичарите, Златните глобуси и од Здружението на актери, конечно завршува со „Оскарите“. Најдоброто, како што велат експертите, се чува за крај.

Неодамнешните модни недели во Њујорк и Париз ќе придонесат за нови изгледи. „’Оскарите’ се најголемата модна ревија на планетата“, изјави дизајнерот Марк Бауер.

За разлика од затворените ревии, „Оскарите“ се прикажуваат во живо низ целиот свет и имаат милионска публика. Фотографии и видеоснимки од славни личности ги преплавуваат весниците, списанијата и интернетот.

„Доколку носите светли бои, ќе изгледате убаво на фотографиите“, изјави дизајнерот Дејвид Мејстер.

„Оваа година актерките треба да покажат малку сексапил, да покажат малку кожа: деколте или гол грб“, смета тој.

Според модниот дизајнер Ален Б. Швац, фустанот може дополнителни да истакне некоја ѕвезда, меѓутоа, ѕвездата не може да го направи фустанот поубав.

„Грд фустан ќе стои грдо на кој било“, додаде тој.

Гвинет Палтроу ја научи лекцијата во 2002 година со претерано проѕирниот црн фустан на Александер Меквин. Од друга страна, пак, Кејт Бланшет секогаш ќе биде запаметена по фустанот на Жан Пол Готје, чиј грб беше навезен со цветови и колибри во 1999 година.