Оскар


ЛЕЈЛА САБИТ

Животот не е филм ама сите живееме во некој филм.

На секој му се случува сапуница или трилер, комедија или трагедија во вистинскиот живот.

Јавно, зад затворени врати, очекувано, неочекувано, цивилизирано, со трауми, со насмевка или со солзи.

Во животот како и во филмот некој само снима, некој глуми, некој парадира, некој режира, некој финансира, некој игра главна улога, некој статира, некој е во публика, некој оценува, некој е во жири, а некој доделува награди…

Некој е професионалец, а некој аматер, некој ѕвезда, а некој дебитант.

Некому животот и филмот ќе му донесат слава или анонимност, некому пари или празен џеп, некому пријатели, а некому непријатели.

За некого животот и филмот се егзистенција, за некого престиж, а за некого само црвен ќилим.

Во животот како и во филмот некогаш ќе доживеете овации, некогаш аплаузи, а некогаш ќе бидете исвиркани.

Нашиот живот е сведоштво на едно време, често се препознаваме во многу филмови, некои ги гледаме неколкупати, а некои веднаш ги забораваме.

Во светот и кај нас е врв да успееш во Холивуд и да освоиш Оскар.

Со мака, со труд, преку врски, со академија или со талент, да те откријат или да те послужи среќа.

На легендите се сеќаваме , квалитетното останува, горди сме на нашите успеси иако ова е време на старлети, на ѕвездички кои не знаете што работат, а се познати, кои треба да глумат епизодни, ама играат главни улоги, на задкулисни игри и сеир.

Затоа, да не им замераме на дамите кои сакаат да се дружат со Оскар, да го држат во раце или да го гушкаат, да се дотераат во негова чест и да го викаат злато мое.

Како и мажот, не е важно дали е позлатен или сладок, дали ќе ја израдува или ќе ја разочара, туку дали ќе и биде грб во животот, поддршка, како џентлемен или како награда.

Нема да им замериме ниту на мажите кои сакаат да бидат како Бред Пит или Џорџ Клуни, со брада или без брада.

Холивуд постои да ни ги исполнува соништата иако и таму не е злато се што сјае.

Кој ќе биде годинава победник на Оскарите? Ќе дознаеме утре рано насабајле.

Дотогаш ќе ја живемее реалноста на нашиот град, на нашите навики.

И во Холивуд, по Оскарите, е нов ден кој никој не знае што носи.

Се ла ви!