Новогодишен подарок од „Нокаут“: Концерт и снимање во живо на новиот акустичен албум
Бендот „Нокаут“ предновогодишно подарува уникатна можност за љубителите на акустичната музика – unplugged концерт и снимање во живо на новиот акустичен албум. За таа цел бендот ги повикува своите фанови и долгогодишни следбеници да не ја пропуштат оваа единствена можност и да станат дел од музиката и музичкиот пат на бендот. Со учество во снимањето на албумот, гледачите ќе станат дел од музичката историја на бендот и воопшто на модерната музика во земјава.
Целовечерниот концерт и снимањето на албумот ќе биде на 26 декември, во 21 часот, во хотел „Мериот“. „Нокаут“ ќе настапи со Игор Џамбазов, а специјален гостин на вечерта е Гуру Харе.
По 20 години од првиот голем концерт на „Нокаут“ во 1998 година во СРЦ Кале, групата во ноември одржа повратнички концерт на истото место, во организација на „Авалон продукција“. „Нокаут“ го објави најновиот сингл насловен „Што бараш во моја песна“, кој е најава за новиот албум , четврти по ред.
„Нокаут“ е формиран во 1997 година, а реоформен во 2006 година. Основач на бендот е Никола Перевски – Пере кој со поддршка на Дарко Димитров и покана на Кирил Колемишевски (втор вокал) и Ацо Богдановски (перкусии) и Владимир Крстевски – Франц го формираа првиот состав на „Нокаут“.
По неколку години пауза (2003-2006) Нокаут повторно се активирале во проширен и изменет состав. Покрај Франц и Пере влегуваат и членовите Благоја Антовски (тапани), Горјан Петровски (гитара), Бојан Перевски (перкусии), Борче Кузмановски (клавијатура), Виктор Николовски (бас гитара) и Луај Реџепов (гитара). Од првата постава во групата сега остана само Пере.