Нада Прља со „Субверзија во црвено“ оди на Венециско биенале на уметноста


Проектот на Музејот на современа уметност насловен како „Субверзија во црвено“ од авторката Нада Прља ќе биде годинешен македонски претставник на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција.
Како што информираше Министерството за култура, на конкурсот пристигнале уште три апликации и тоа на НУ Национална галерија на Македонија за проектот „Мирисот на лебот“ од авторот Нехат Беќири, на Музејот на град Скопје за проектот „А-Reaction“ од авторката Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“ од авторот Игор Јосифов.
Според образложението на стручната комисија во состав проф. Мирко Вујисиќ, проф. Тони Васиќ и Имер Бајрами, проектот на Прља се издвојувал од останатите.
„Комисијата утврди дека проектот на НУ Национална галерија на Македонија не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот и токму затоа проектот на Нехат Беќири не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување. За преостанатите три проекти Комисијата констатираше дека се одликуваат со високи уметнички карактеристики, дека се професионално конципирани и ги одразуваат квалитативните параметри нотирани во Конкурсот. Сепак, со особено внимание Комисијата го издвои проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на Биеналето“, се вели во соопштението.
Дополнително, стручната комисија, потенцира дека и соработниците што се вклучени во реализацијата на проектот на Прља, во однос на уметничката критика и стручност, имаат големо интернационално искуство, особено во претходните учества на Венециското биенале на уметноста.

Венециското биенале оваа година ќе се реализира во периодот од 9 мај до 24 ноември. Куратор на годинашното издание на Биеналето е Ралф Ругоф, кој ја утврди и генералната тема на манифестацијата: „Може да живееш во интересни времиња“. За претставувањето на проектот на Музејот на современата уметност, Министерството за култура издвои 4 милиони денари.