Мицкоски ќе го урива Заев


Десет месеци по смената на власта на „Илинденска“, кабинетот на премиерот Зоран Заев ќе се соочи со првото гласање на доверба. Инцијативата потекна од опозицијата која на овој начин си обезбеди оправдување пред членството и поддржувачите за одлуката да се врати во парламентот, по околу три месеци бојкот.

Според она што се дознава, ВМРО-ДПМНЕ била соочена со силен притисок да се врати во институциите. Затоа, се барал начин како да се изведе тоа во ситуација кога сѐ уште не е исполнет целосно „математичкиот услов“ за вклучување на опозицијата во работата на парламентот, бидејќи половина од вкупно шестмина обвинети пратеници за настаните на 27 април сѐ уште се во домашен притвор. Соломонското решение, прекинувањето на бојкотот да се поврзе со интерпелацијата за работата на Владата, како што се наведува, било речиси едногласно прифатено на седницата на централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а за тоа наводно постоело расположение и во целата пратеничка група на партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, најавата за интерпелација на Владата ја образложи со оценки дека таа го изгубила кредибилитетот и дека ја турка државата во амбис.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе објаснат зашто оваа антинародна и антидржавна влада треба што поскоро да замине. Нејзините порази станаа секојдневие, а голиот популизам нејзино обележје, во реалноста народот живее многу полошо. Оваа криминална влада станува запаметена како најнеспособната досега од осамостојувањето на Македонија“, оцени Мицкоски.

Расправата и гласањето за (не)доверба во Владата се очекува да се реализира по велигденските празници, иако точниот датум кога би се одржала седницата зависи од денот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе иницијативата во парламентот, од кога почнува да тече уставно предвидениот рок од три дена. Според тоа, донесувањето на системските закони за судската власт и за безбедносните служби ќе почека додека Заев не потврди дека неговиот кабинет има апсолутна поддршка во законодавниот дом.

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за тестирање на довербата во Владата доаѓа во време кога Заев се обидува да го прошири парламентарното мнозинство со нови пратеници, отфрлајќи засега можност од распишување предвремени избори. Друг незгоден момент во врска со интерпелацијата против Владата е тоа што таа доаѓа во период кога Европската комисија го завршува извештајот за напредокот на Македонија, а очекувањата на властите се дека во него ќе биде запишана и препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Во тој мозаик еден од клучните критериуми е донесувањето на законите што произлегоа од извештајот на Рајнхард Прибе и консензусот што за нив треба да го постигнат владејачкото мнозинство и опозицијата. Заев изјави вчера дека верува дека ќе се најде време и за потребите на опозицијата и за реформите.

„Нивно право е да поднесат интерпелација за Владата. Но, истовремено мораме да водиме грижа и законите да се донесат до предвидениот рок, затоа што не би сакале на ниту една земја членка на ЕУ да ѝ оставиме причина за изговор за што било кога веќе ги имаме усогласено законите. Јасно е дека постои речиси комплетен консензус во парламентот да се донесат ваквите решенија“, рече премиерот.

Тој ја поздрави одлуката на опозицијата повторно да се вклучи во работата на парламентот и оцени дека дијалогот со неа се движи во добар правец.
„Работните групи работат и голем дел од законските решенија се усогласени. Очекувањата се до 17 април, односно до извештајот на ЕК, да ги донесеме законските решенија. Претседателот на Собранието ми рече дека планира нова седница на 10 април на која ќе бидат на дневен ред решенијата што се дел од планот 3-6-9“, информира Заев.

Тој се надева дека владејачкото мнозинство ќе успее да го зголеми бројот на пратеници, што ќе значи и стабилност на владините политики во време кога се очекува решение за спорот за името, датум за почеток на преговори со ЕУ и поканата од НАТО.
„Моја и перцепција на Владата е дека не треба секогаш да се брза на парламентарни избори. Секако, ако некој друг провоцира, направи пресија или има причини ја оставаме отворена и можноста за предвремени избори“, рече Заев.

Прашање за доверба на Владата може да постават најмалку 20 пратеници, а за евентуално изгласување недоверба се потребни минимум 61 глас. Во случај да се изгласа недоверба на Владата, таа е должна да поднесе оставка, во спротивно, во следните 90 дена не може да се покренува повторно прашање за доверба во кабинетот на „Илинденска“. Расправата за доверба на Владата трае еден ден, а гласањето се реализира на полноќ.
Александра М. Митевска