Мицкоски: Не се пазариме со Законот за јазици


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека не се пазареле со власта за одблокирање на парламентот за да се донесе Законот за јазици, односно за ослободување на притворените за настаните од 17 април минатата година.

„Такво нешто апсолутно нема. Ние како опозиција мораме да ја релаксираме политичката атмосфера во државата. Но, како што велат дел од претставниците на меѓународната заедница, најодговорна за овозможување на демократски амбиент и опозицијата да се чувствува комфорно е Владата. Владата е на потег, ние како опозиција сме тука, ќе бидеме конструктивни“, одговори Мицкоски на новинарско прашање во Стопанска комора на Македонија.

Коментирајќи го претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој најави скоро решение за Законот за јазиците, Мицкоски рече дека „решението е во тоа законот да се повлече од собраниска процедура“.

„Потребно е законот да се повлече од собраниска процедура, да се формира работна група и во неа би учествувале сите парламентарни партии, би ја повикале експертската јавност, претставници од МАНУ, на кабинетот на претседателот и да направиме тело кое би било уставно, а потоа применливо. Ако некој навистина и мисли добро на националноста која е дел од Македонија, треба да води сметка и за чувствата на останатите националности кои живеат во Македонија“, напомена лидерот на најголемата опозициска партија.