Миновски: АД ЕЛЕМ додаде уште еден услов за да обезбеди уште поголема конкурентност


По откажувањето на Трансмет во февруари, АД Електрани на Македонија веднаш ја поканил фирмата Пелистер ДОО Битола за ископ на јаглен во РЕК Битола, која била второрангирана на тендерот, да продолжи да копа по цената која ја имале понудено на тендерот, за да се избегне во зимски услови сериозно загрозување на стабилноста на електроенергетскиот систем, изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ Драган Миновски, според кого обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се тенденциозни и неосновани.

– Пелистер со писмен допис го информира ЕЛЕМ дека не е во можност по истата цена да ја преземе работата од која се откажа Трансмет, во услови во кои беше оставен рудникот во тој момент. Со цел да се одржи стабилноста на системот и да се задоволат потребите за електрична енергија, АД ЕЛЕМ веднаш распиша нов оглас во кој еден дел, согласно Законот за јавни набавки, беше оставен за итна постапка. На итната постапка како најдобро рангиран беше избран Пелистер со цена од 87,8 денари за гигаџул, или најмногу до вредност од 1,9 милиони евра, за период до изборот на најповолен понудувач во редовната постапка, која е во тек и која трае согласно законот минимум три месеци, рече Миновски на прес-конференција по прозивањата од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвинува дека АД ЕЛЕМ го наместил тендерот за Пелистер ДОО Битола која, според нив е блиска до СДСМ, со тоа што ги изменил условите за тендерска документација и дека пред неколку дена додал уште еден услов за избор на економски оператор – тој да има ископани минимум 900.000 тони јаглен или 1.000.000 метри кубни јаловина.

Миновски рече дека со цел да се оневозможи повторно работата во РЕК Битола да ја добие фирма која, рече, само фиктивно е способна да врши ископ, во тендерот за редовната постапка бил поставен услов фирмите кои сакаат да конкурираат во последните три години да имаат ископано најмалку 900 илјади тони јаглен. За да овозможат поголема конкурентност, ЕЛЕМ додал уште еден услов кој може да го исполнат и повеќе компании.

– Еден економски оператор се жалеше до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Комисијата ја одби жалбата како неоснована. Но и покрај тоа, АД ЕЛЕМ ја прошири можноста – да може да се пријават и фирми кои имаат ископано покрај јаглен, или 1 милион метри кубни јаловина (земја или карпест материјал) или руда. Значи, иако комисијата не ни наложи да ставаме дополнителни услови, иако беше проценето дека тендерот овозможува конкурентност, АД ЕЛЕМ самоиницијативно одлучи да додаде уште еден услов со цел да обезбеди уште поголема конкурентност, но само на сериозни фирми. Условите се и натаму доволно ригорозни за да спречат да се пријави или уште повеќе да победи некоја фирма од калибарот на Трансмет, кои само можат да направат штета на комбинатот и на целиот производствен процес, истакна Миновски. Според нивните анализи, рече, под наведените услови во огласот може да се јават најмалку седум компании.

Тој смета дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се поради тоа што опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, кој беше поранешен директор на АД ЕЛЕМ, се плашат од почетокот на важни проекти во енергетскиот сектор.

На тврдењето на Мицкоски дека ЕЛЕМ има намалено производство во првиот квартал на оваа година, Миновски рече дека произведувале толку колку што имало потреба за тарифните потрошувачи, а електричната енергија која ја заштедиле со, како што рече, домаќинско, одговорно и професионално работење, во наредната недела ќе ја понудат на продажба на слободниот пазар

– Со тоа ќе оствариме профит за компанијата и за државата. Ова ќе биде прва продажба на електрична енергија од АД ЕЛЕМ по 2016 година, зашто две години ЕЛЕМ не продавал електрична енергија, рече Миновски. Додаде дека Мицкоски, оставил 12 проценти помалку расположливи производни капацитети и дека за разлика од неговите 14 развојни проекти, како Рајски парк, велосипедска патека, ски-центар на Водно… новиот менаџмент на ЕЛЕМ почнал постапка за изградба на нови ветерни електрани, нови фотоволтаични електрани, електростатски филтри во РЕК Битола и страндардизирано отпепелување, модернизација на ТЕЦ Осломеј…

– Мицкоски се пофали дека оставил 25 милиони евра на сметката на АД ЕЛЕМ без никакви долгови кон доверители и вработените. Тоа што е точно е дека остави 17,8 милиони евра депозити во банките и 7,3 милиони евра расположливи средства… За разлика од него, ние го исплативме К-15 за 2017 кој Мицкоски не го исплати, и исплатен е и петпроцентниот додаток кој Мицкоски, исто така, не го исплати за целиот период наназад, исплатени се сите ремонтни активности и поправки, и во овој момент на сметката на АД ЕЛЕМ има 25 милиони евра депозити, и уште 20 милиони евра расположливи средства, или вкупно 45 милиони евра, значи двапати повеќе од тоа што остави Мицкоски, рече генералниот директор на АД ЕЛЕМ на пресот – реакција на обвинувањата на опозициската партија.