Милутин Секулоски-Миќо: Охридското Езеро нуди нешто што го нема никаде во светот


Нема нуркач во Македонија, па и во регионот, дали аматер или професионалец кој не го знае Милутин Секулоски – Миќо, човекот кој ја отвори книгата со тајните на водите на Охридското Езеро. Милутин е меѓународен нуркачки инструктор по категорија инструктор – тренер, што е највисока можна нуркачка категорија во светот. Зад себе има повеќе од тридецениско искуство, стотина обуки и илјадници тренинзи, спроведени акции во најсложени ситуации и околности. Тој е и инструктор за спасување на вода, меѓународен инструктор за специјалности како препознавање на стрес и спасување, прва помош и кардио-пулмонална реанимација, инструктор за подводна археологија, подводна екологија, инструктор за ноќни и длабински нуркања, сертифициран експерт по навигација…

Што претставува нуркањето како активност и какви ризици носи?

– Нуркањето претставува екстремен спорт што носи поголема доза ризик и како таков бара целосен професионализам и само како таков може да претставува задоволство. Секоја импровизација, површност во пристапот, работењето надвор од пропишаните норми се ризици што не се дозволени во било која активност, а кои се геометриски поголеми кога станува збор за работа во средина за која човекот не е природно предодреден како организам. Но, стандардите што ги поседуваме и ги почитуваме, квалитетната опрема прават услови слободно да се каже дека нуркањето е многу безбедна активност. Она што мора постојано да се нагласува и да се повторува, независно колку и да се работи за рутински влегување во вода, а тоа се прописите и стандардите. Постојат стандарди кои мора да се почитуваат ако сакате да бидете дел од светска заедница каде нема разлика дали сте во САД, Германија или Македонија, мора така е да се однесувате. И мене лично и на сите нас како нуркачи тоа ни одговара затоа што сертификатот не значи само дозвола за нуркање насекаде низ светот, туку тоа е потврда за ваша подготвеност и обученост за нуркање.

Какви беа почетоците на нуркањето во Охридското Езеро?

– Почетоците на нуркањето во Охридското Езеро, освен некои индивидуални аматерски обиди,  датираат некаде од 1982 година, кога во Клубот за подводни активности „Норкач“ од Струга доаѓаат инструктори  од Република Србија кои спроведуват први обуки на нуркачи во Македонија. Тоа беа активности иницирани од Нуркачкиот сојуз на Македонија, но поврзани со обврските одредени од Територијалната одбрана во СР Македонија. Подоцна беше добиена некоја опрема и низ републиката се формираа повеќе клубови, од кои активно во тој период продолжија со работа само „Корали“ од Скопје, „Норкач“ од Струга и Клубот за подводни дејности „Охрид“. Тоа беше само оскудна опрема што и многу чинеше, а и тешко се набавуваше. Споредбено со денеска може слободно да се рече дека кога станува збор за опременоста се работеше партизански. Во Охрид почетокот го сочинуваа тројца нуркачи, јас бев четврт и преку формирање некои единици за спасување на вода, воглавно се работеше на некои вежби. Подоцна беа ангажирани уште некои нуркачи со завршена обука во ЈНА, но тие не беа активни туку само ангажирани по потреба. Главниот проблем беше недостигот едуцирани кадри подготвени да ни пренесат какви било знаења. Најповеќе во нас беше желбата за нуркање, и како го правевме тоа така и учевме. Почнавме и самоиницијативно да набавуваме литература, читавме, многу работи откривав сам…

Охрид нуркачи

Кога се случи тој пресуден миг кога престанавте да бидете нуркач рекреативец и станавте тоа што сте денеска?

– Пресвртот во нуркањето во Охрид беше 1992 година, кога го завршив првиот курс за инструктор по ЦМАС. Веќе следната 1993 година токму во Охрид се одржа првиот официјален курс за нуркачи предводен од македонски инструктор. На пазарот излезе дополнителна опрема што моравме да ја набавиме и во тоа време тоа го прававме индивидуално. Интересно за тој период беше што покрај рекреативните влегувања под вода се врзуваат и почетоците со некои полупрофесионални активности, како реализација на проекти со подводна археологија, мапирање локации, откривање на тајните на Охридското Езеро. Во 1995 година со археологот Паско Кузман разговаравме за можностите да почне некоја организирана активност за пребарување некои потенцијално интересни локации. Тој ни укажа дека на некои места рибарите при вадење на мрежите пронаоѓале фрагмети од керамички археолошки остатоци. При првите нуркања и тоа рекреативни, 1997 година ја открив предисториската населба кај Градиште. Следуваа мапирања на други локации, набавивме одредена за документирање како апарати за подводно снимање и полека се појави интерес кај младите за влучување во активностите и откривање на тајните што ги крие езерото. Од 1993 година се поголем број млади лица активно се вклучуваа во нуркачките активности, ги завршуваа тие курсеви за подводна археологија и се стекнуваа со меѓународни сертификати, така што бројот обучени нуркачи достигна некаде стотина. Сите не беа активни, но веќе почна тој процес на опремување. Во 1996 година го завршив курсот за меѓународен инструктор на „Скуба скулс интернешнал“ и од тогаш веќе сите нуркачи во Македонија можеа да завршат курс и да се стекнат со сертификат признаен низ целиот свет. Тука беше пресвртницата од кога почна проесионално да се нурка и во Македонија, на начин и според стандардите пропишани и признаени во светски рамки.

Охрид нуркачи

Велите дека тоа е дел од Вашиот живот?

– Досегашните активности, од почетник кој сака само да види како е под вода, преку неколку нуркања, дојдов до состојба кога нуркањето веќе е некој вид манија, наркоза. Без нуркањето не можам. Отворено да кажам, нема сезона, дали е лето, зима, топло ладно, дене ноќе, нуркам секогаш и секаде. Сигурно досега имам повеќе од десет илјади влегувања во вода, од кои некогаш тие траеле и повеќе од десет часа, нормално со паузи. Колку е тоа дел од мојот живот можеби најсликовито може да ви го појасни податокот дека еднаш и Новата година сум ја дочекал под вода, затоа што тоа сум го сакал…

Како сте сега организирани и на кој начин сте активни? Вие сте првиот човек на Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, кој моментално е врвот во македонското професионално нуркање?

– Единствен нуркачки центар во Република Македонија кој е лиценциран од Меѓународната нуркачка асоцијација и од Нуркачкиот сојуз на Македонија е Нуркачкиот центар „Амфора“ формиран 2004 година.За да можам официјално да работам морав да добијам и лиценца нуркачки центар. За да имате лиценциран центар мора да имате квалитетна и сервисирана опрема која подразбира проверка секоја година, секои пет години мора дасе атестираат боците, компресорите за квалитет на воздух, мора да имате комплет опрема за прва помош и реанимација, пособен простор со училница, задолжително секако квалитетен и лиценциран кадар. Ние во Амфора сме петмина инструктори, различни по категорија, со шеесеттна членови, а центарот е лиценциран како Меѓународен центар за обука на нуркачи и нуркачки инструктори од највиско ниво по светски стандарди.

Охрид нуркачи

Кои е активностите на Центарот и со што можете да се пофалите?

– Центарот нуди широка палета програми, курсеви, активности и обуки што сме овластени да ги спроведуваме. Најголем интерес има кај оние што само сакаат да пробаат на нукраат или т.н. „дискавери“ програма. Таа предвидува почетна теоретска обука, со прво влегување во вода и нуркање до пет метри со професионална придружба. Почетниот курс за нуркач во отворени води веќе бара посериозен пристап, со шест теоретски лекции, 25 вежби во вода и максимална дозволена длабочина од 18 метри. За курсот за било која категорија нуркачите добиваат соодветна литература на триесетина јазици и добиваат Меѓународен сертификат. Нуркачкиот центар „Амфора“ благодарение на компанијата „Флуид проект“ располага со хипербарична комора, која служи како за испитување и проверка на кондицијата на нуркачите, но и во случај на потреба и за интервенции при т.н. нуркачки заболувања, нешто за што досега во Охрид не сме имале потреба.

Што може Охридското Езеро да понуди кога е во прашање нуркањето и дали постои интерес за тоа?

– Десеттина години наназад Центарот интензивно работи со туристи заинтересирани за да го доживеат Охридското Езеро на подруг начин. Станува збор за групи сертифицирани нуркачи, и верувајте, не останале само на еднаш, туку редовно се враќаат повторно. Езерото не е тропска вода со корали и шарени рипчиња, но кога станува збор за континентална вода чија температура на 40 метри длабочина изнесува осум степени, тоа е предвизик за нуркачите. Тука може да се види нешто што го нема во други езера, од охридскиот тркалелезен  сунѓер, пастрмката, потоа археолошки локации како Градиште, Надол, Уста на Дрим, Врбник кај Калишта, Буќезе во Албанија. Потонати бротчиња од завршувањето на Првата светска војна, паднат британски авион „Спитфаер“ од Втората светска војна. Сето тоа на длабочини достани и за почетници. Тука се и подводните ѕидови, стрмни карпи кои се спуштаат на 90 метри и потоа на 250 метри. Посебна приказна се изворите на Дрим ка Свети Наум, поради својата видливост и колоритност и како такви одлични за подводни фотографии и снимки, невидени за континентални води. Сметавме дека ова сепак е езеро и оти нема да има некаков поголем интерес. Но, кога нуркачите ќе дојдат тука и ќе видат каква е нашата екипираност, опременост, изненадени се. Сега можеме да се пофалиме дека годишно во Охрид над 500 туристи доаѓаат специјално само за нуркање во езерото.

Охрид нуркачи

Нуркате и настрана од Охрид, вашата професија налага и други помалку рекреативни активности?

– Од почетокот на активностите спроведувани на професионален начин, не постои место и акумулација, река во Македонија и Албанија каде не сме влезени со „Амфора“. Центарот има специјално обучен тим за подводно деминирање што функционира во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, како и екипа нуркачи оспособени за спасување на вода, а се активни како дел од Црвениот крст од Охрид. Досега во неколку акции спроведени на повеќе локации од езерото се извадени над 20 тони неексплодирани убојни средства од Првата светска војна. Кај Сараиште се пронајдени пушки и кубури од крајот на 18 век, досега се извадени стотина примероци, што се конзервираат и наскоро ќе бидат достапни на јавноста.

Нуркачкиот центар „Амфора“ предводен токму од Секулоски има објавено и два документарни филма – „Подводниот свет на Охридското Езеро“ и „Танцот со пастрмките“. Значајна активност што вреди да се спомене е и проектот за пренуркување на целото езеро, долж крајбрежето на различни длабочини. Секулоски притоа во период од три месеци пренурка 84,6 километри при што се позиционирани и филмски и фотографски забележани најинтересните локации и откритија, за што се планира и објавување посебен документарен филм.

(МИА)