„Крвоток“ ќе го реформира ВМРО-ДПМНЕ


Додека од „белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ стигнуваат пораки за обединување, а реформаторите се вклучуваат во телата на организацијата, дел од видните членови на партијата отворено и јавно искажуваат неслагање со водството, што најавува нови интерни судири. Со бебе во рацете, пратеникот Антонио Милошоски преку социјалните мрежи посочи дека спротивно од одлуката на партијата ќе излезе на протестите против промена на уставното име на Македонија, што вчеравечер се одржаа во Скопје. Помалку срамежливо, истото го најавија и направија дел од членовите на новоформираниот извршен комитет, но грото, сепак, застанаа зад политиката на „валандовското“ раководство. „Реформското крило“, кое по заминувањето на Никола Груевски ја отапи острицата, мака мачи да ги избори очекуваните внатрепартиски реформи, а „игнорираниот“ Филип Петровски најавува формирање фракција со цел, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ повторно да им се врати на членовите. Познавачите велат бран незадоволство веројатно ќе има по изборот за претседатели на општинските комитети, кој е во тек и стравуваат дека тоа дополнително ќе ги разгори делбите во партијата.

Минатата недела централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница, на која се разговараше за актуелните теми, а меѓу другото, за нови членови на ИК беа примени Драги Данев, кој наедно беше назначен и за нов координатор на пратеничката група, како и Александар Велјановски, кој беше на чело на ОК во Тетово. Сепак, подалеку од ваквите службени информации, може да се слушнат информации дека ИК на партијата донел заклучок не само да не се организираат протестите против менување на уставното име, туку и да не се поддржуваат.

Тоа го направивме од причина што партијата има изградено став околу преговорите со Грција. Јасно кажавме дека нема да поддржиме промена на Уставот со цел промена на уставното име ниту, пак, ќе поддржиме недостоинствено решение за спорот за името. Доколку се стремиме да бидеме сериозна партија, не смееме да се доведеме во ситуација на протестите да бидат искажани некакви други црвени линии или да се побара целосен прекин на преговорите, односно да мора и да треба да ги менуваме нашите ставови“, велат партиски функционери за „Независен весник“.

Тие сметаат дека процесот на менување на ВМРО-ДПМНЕ е започнат, но оти ќе биде потребно многу време, затоа што не е лесно да се напуштат старите политики и навики. Во тој контекст се споменува довчерашниот лидер Никола Груевски кој, наводно, секојдневно „од утро до мрак“ доаѓал во партиското седиште. Разговорите со реформското крило за измени во статутот сѐ уште траат. Во новиот ИК се најде место за Костадин Богданов, но не се точни шпекулациите во медиумите дека внатре влегол и Александар Михајловски.

Таквата дезинформација им донесе негатива и на двете страни: и на реформаторите, и на новото раководство, па нејасно е кој и зошто ја пласирал“, се чудат нашите извори.

Во контекст на тоа, проструи сензационална вест дека Филип Петровски, кој важи за најголем критичар на актуелниот претседател, ќе станел четвртиот потпретседател на партијата.

Не знам ни самиот што да кажам на таква глупоштина, Однатре лиферуваат неточни информации за да покажат некакво единство. Со Мицкоски немам никаков контакт. Работата е многу посериозна. Принудени сме како видни членови да бараме спас за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што партијата е заробена од врхушка, заробена од странски платеници, и тоа е видливо и јасно. Тие не дејствуваат како партија, туку како збирно здружение на интереси и изгледаат како уценета структура. Најновиот нивен ‘бисер’ е бојкотирањето на протестот што ги изразува потребите на македонскиот народ да се зачуваат националните интереси, а воедно инфилтрираат свои луѓе блиски до УДБА да го контролираат и да го задушат. За неколку дена ќе ги промовираме мерките за спас на ВМРО-ДПМНЕ, ќе тргнеме со внатрепартиско движење ‘Крвоток’, кое ќе им ја врати партијата на членовите и на поддржувачите. Од ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да си заминам. Јас и членството ќе ја донесеме на вистински колосек“, ни изјави Петровски.

Една од главните цели на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ беше затоплување на односите со Брисел и со Вашингтон, кои воопшто не постоеја изминативе години. Од тие причини, организирани беа посети до светските центри на моќ и средби со челниците на Европската Унија, а потоа и со главните политичари од регионот. Во партијата велат дека е потребно време за да се почувствуваат резултатите од новиот пристап на Мицкоски и неговиот тим.

Горан Адамовски