Кошарка: Македонската репрезентација почна со подготовки за претквалификациите за ЕП 2021
Кошаркарската репрезентација на Македонија почна со подготовки за претквалификациите за Европското првенство во 2021 година. На првиот тренинг се појавија 15 играчи: Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски, Александар Костоски, Бојан Крстевски, Ненад Димитриевиќ, Дарко Соколов, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ, Адем Мекиќ, Андреј Магдевски, Стојан Ѓуроски, Кирил Николовски, Љубомир Младеновски и Бојан Трајковски. Искусните Ѓорѓи Чековски и Димче Тасовски, поради повреди, нема да бидат во комбинација за дуелот со Словачка во Попрад на 23 ноември (18 ч.), а кратко по појавувањето замина Трајковски.
„Статусот на Чековски во репрезентацијата ќе зависи од неговата повреда. За Трајковски знам дека треба да биде дел од составот, но зошто не тренира не знам. Деновиве ќе биде појасна ситуацијата. Но, она што е дефинитивно јасно е дека во претквалификациите ќе играме без странец“, истакна Давитков.
Покрај Словачка, ривал на Македонија во групата ќе биде и селекцијата на Швајцарија со надеж дека оваа фаза за ЕП 2021 ќе биде успешно мината.
„Репрезентацијата ќе биде подмладена со играчи кои во иднина треба да бидат нејзини лидери. Словачка нѝ е добро позната што не е случај со Швајцарија, но и за нив имаме доволно информации. Одиме напред. Мора да се прикажеме во подобро светло за воведните два меча што може да бидат и клучни за конечниот исход на квалификациите. Словаците се незгодни, физички се исклучително добро подготвени, особено се добри како домаќини, па претстојното гостување во недела ќе биде од големо значење за нас“, додаде македонскиот селектор.
Три дена по дуелот со Словачка во Попрад, националниот тим го очекува и настап на домашен терен против Швајцарија.