Косовскиот Парламент на вонредна седница за депортирањето „Ѓуленисти“


Косовскиот Парламент денеска ќе одржи вонредна седница на тема тајно апсење и депортација на шестмина турски државјани, припадници на движењето на муслиманскиот проповедник во егзил Фетулах Ѓулен.

Претседателството на косовското Собрание одлучи седницата да се одржи попладнево.

Заменик – претседателот на косовскиот Парламент, Џавит Хаљити, изјави дека одлуката за свикување вонредна седница е донесена по барање на 40 пратеници, а единствена тема ќе биде протерување на шестмина турски државјани.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган пред неколку дена го критикуваше косовскиот премиер Рамуш Харадинај во врска со апсењето и депортацијата на шестмината турски граѓани кои имаат врски со училиштата поврзани со движењето на Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за неуспешниот државен удар во 2016 година.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган пред неколку дена му се закани на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека ќе биде одговорен за менаџирањето на состојбата со депортираните турски државјани. Тој го критикуваше Харадинај за разрешувањето на министерот за внатрешни работи и првиот човек на косовската тајна служба, АКИ, повикувајќи ги граѓаните на Косово да протестираат против него.

– Нашите тајни служби ги донесоа тука шесте членови на Ѓулен. Но многу се вознемирив кога разбрав дека се разрешени министерот за внатрешни работи и првиот човек на тајната служба. Еј,премиеру на Косово, кога почна да ги заштитуваш оние кои направија државен удар во Турција? Од кого доби наредба? Убеден сум дека народот на Косово, нашите браќа таму, ќе ти го дадат заслужениот одговор, изјави Ердоган напаѓајќи ги САД кои, според него го контролираат Харадинај.

Шестмина турски државјани на крајот од март беа уапсени и по итна постапка протерани од Косово по одлука на МВР, кое ги поништило дозволите за нивен престој во Косово,откако АКИ во соработка со турската тајна служба заклучиле дека овие лица претставуваат национална опасност за земјата.

Според локалните медиуми, во Косово има уште најмалку 200 ѓуленисти.