Каролина на првите МАС регионални награди во Белград


После Бајага, Петар Грашо и Сергеј Ќетковиќ настапите на првата регионална церемонија на доделувањето на музичките признанија MAC (Music Awards Ceremony) на 29 јануари во Штарк Арената во Белград ги потврдија уште три големи ѕвезди од регионот: Жељко Јоксимовиќ, Ван Гог и Каролина Гочева.

Една од несомнено најголемите ѕвезди во регионот, музичарот Жељко Јоксимовиќ, кој веќе има успех на најголемите европски музички настани, за своето доаѓање на MAC вели:

„Драго ми е што ќе настапам на Music Awards Ceremony, затоа што верувам дека ваква манифестација е неопходна и значајна за регионот, како и за поврзување на регионалната музичка сцена. Сигурен сум дека атмосферата и енергијата ќе бидат одлични, ќе има многу добра музика, продукција и придружните елементи ќе бидат на врвно ниво, и затоа ги поканувам сите да ни се придружат во Арена на 29 јануари. Се гледаме!“

Освен поп нумери публиката на MAC ќе има можност да слушне и други жанрови, па и малку потврд звук, а за тоа сигурно ќе се погрижи групата Ванг Гог, чиј фронтмен Ѓуле во свој стил го најави доаѓањето на манифестацијата.

Поддршката за MAC од Македонија досега стигна од раперите Панчо ДНК и поп музичарите Влатко Лозаноски Лозано и Димитар Андоновски, а првата потврдена учесничка од Македонија, која дефинитивно ќе настапи на бината на Штарк Арена на 29 јануари е Каролина Гочева.

Организацијата и продукцијата на MAC ја потпишува Skymusic од каде најавуваат дека во наредните денови ќе бидат објавени и имињата на останатите изведувачи од Србија, Црна Гора, Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина, кои ќе настапат на свеченото доделување на музичките признанија.