Изложба на академскиот сликар Слободан Тимчевски во Куманово
Изложбата „Моменти“ на академскиот сликар Слободан Тимчевски вечер ќе биде отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Ќе бидат изложени 25 дела работени во техниката акрил од најновата продукција на Тимчевски.
Директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и историчар на уметност Роберт Цветковски изјави дека академскиот сликар има специфичен начин на изразување.
– Во делата на Тимчевски можат да се согледаат и влијанија од поп-арт, стрит-арт и стрипот, што говори дека Тимчевски е едуциран автор кој има апсолвирано и теоретски знаења кои успешно ги имплементира во своите дела, градејќи свој визуелен универзум, рече Цветковски.
Нагласи дека Тимчевски е современ автор кој за краток временски период ќе биде препознатлив и влијателен на македонската ликовна сцена.
Тимчевски е димпломиран ликовен педагог со сликарство, завршил во класата на професор Рубенс Корубин. Досега реализирал две самостојни изложби, а учествувал на бројни групни изложби во Македонија и странство и на ликовни колонии.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена во наредните две недели.