Иванов: Македонија и Турција можат повеќе во трговската размена и инвестициите
Македонија и Турција можат многу повеќе да направат и во инвестициите и во трговската размена. Во 2012 година со турскиот државен врв направивме преглед на нашите билатерални односи и заклучивме дека политичките односи се на одлично ниво, но сепак она што недостасуваше беше економската соработка. Затоа, си поставивме една цел, а тоа е годишната трговска размена да ја зголемиме на една милијарда долари, порача претседателот Иванов во своето обраќање пред турските стопанственици, во Истанбул.
На бизнис вечерата, на кој присуствуваше делегација на Стопанската комора на Македонија, раководството на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ) и стопанственици од Турција, македонскиот претседател говореше за унапредување на економските односи меѓу двете земји преку зголемување на трговската размена и на инвестициите.
– Нас не радува перманентниот економски развој и економските успеси на Република Турција. Од друга страна, пак, Република Македонија нуди огромен број можности и прилики. Едно е јасно, можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена, рече претседателот Иванов.
Тој истакна дека како држави и институции се прави се за да се олесни патот кон целта, а, за тоа, како што вели помогнале и географската близина, добрата инфраструктурна повразност и директните авионски линии меѓу Македонија и Турција.
– Како што македонската и турската држава си ги почитуваат ветувањата, така и турските и македонските стопанственици знаат да го испочитуваат зборот што ќе си го дадат едни на други. И со тоа, вие, стопанствениците градите доверба која потоа се пренесува на граѓаните, на потрошувачите. Македонските граѓани имаат доверба во турските производи кои по ништо не заостануваат зад европските брендови, им порача македонскиот претседател на присутните стопанственици.
Иванов во својот говор нагласи и дека се подобрува договорната состојба меѓу Македонија и Турција и потсети дека историските корени на македонската економија се токму во турските чаршии и турските пазари во кои функционирале еснафите.
Членот на управниот одбор на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ), Џенгиз Гунај, потсети дека претседателот Иванов е многу значаен за ТОББ и побара негова поддршка за нивелирање на царините меѓу двете земји.
– Македонија е во срцето на Југоисточна Европа и е порта кон 650 милиони потрошувачи. Околу 100 турски компании веќе инвестирале една милијарда и 500 милиони долари и отвориле 5.000 работни места во Македонија, рече Гунај.
Иванов кој престојува во работна посета на Република Турција, денеска ќе се обрати на претседателската сесија на 21. Евроазиски економски самит, чија цел е унапредување на економската и регионалната соработка.