И денес протест против изградбата на зграда пред „Мајчин дом“
Жителите на Аеродром и за денеска најавија протест против изградбата на висококатница пред „Мајчин дом“. Протестот е најавен за во 17 часот.
„Овие настани претставуваат спонтани граѓански собири, испровоцирани од поставувањето на градежната механизација и претварањето на тревникот во градилиште. Собирот е чист граѓански активизам, надпартиски, нема водач, нема единствен организатор – туку е поддржан од целата Фејсбук група ‘Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – Воздух Сега!’. Собирите имаат за цел да ја испратат силно пораката до локалната, но и до централната власт дека мора веднаш да се престане со сите градежни активности покрај Мајчин Дом и граѓаните веднаш да бидат вклучени во носењето одлуки“, се вели во најавата за протестот.
За време на вчерашниот протест, гневните граѓани почнаа да удираат по лимената тараба поставена на земјиштето каде што почнаа градежните активности. Граѓаните побараа градоначалникот Златко Марин да дојде пред „Мајчин Дом“ за да им образложи зошто не го исполнил ветувањето, дека деветкатница нема да се гради на овој дел од општината.