За јазикот на Конески


Ерол Ризаов

Рецидивите, бедните остатоци со кратко паметење, кои го нарекуваа Коњевич уште додека беше жив, а по смртта, Џуџето од Небрегово, се огласија во одбрана на Блаже Конески. Оваа голема „еволуција“ на жртвите на партиски пропаганди и на тие што никогаш не ја разбраа величината на творецот на македонскиот литературен јазик е трагикомична кога билмезите се разгракаа да ја бранат Македонија од Европа. Скандализирани зошто амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самоел Жбогар, кажал: „јазикот на Блаже Конески, Матеја Матевски и Лидија Димковска може да стане официјален јазик на ЕУ преведуван како никогаш досега“, а не кажал македонски јазик, кренаа прав колку едно стадо говеда употребувајќи го покојниот народен мислител како штит за бојкот на референдумот, од чија успешност, меѓудругото, зависи дали македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на кој ќе се зборува во Брисел, седиштето на ЕУ.

Македонскиот гениј Конески сето ова го предвиде и во своето научно творештво и во својата поезија. За жал, во 27-те години на независноста со разни навреди, клевети и лустрации на покојни великани на Македонија се нанесе голем срам на сите нас што здушно не го спречивме тоа зло. Не го казнивме за никогаш да не им текне да се негираат националните величини, чии споменици треба да стојат на местата на коњите, лавовите и античките јунаци, а чии дела треба да ги читаме и препрочитуваме за да не лаеме, туку да знаеме. Тие се столбовите на македонштината на која се повикуваат лажните патриоти откако ги унаказија, а ништо не знаат за нив, ни две реченици од нивното епохално дело за македонскиот народ, и не само македонскиот.

За жал, делата и пораките на нашиот народен мислител остануваат за многу луѓе недопрени и во тоа е несреќата од последиците на злоупотребата на творештвото на Конески. И покрај големиот број познати автори кои напишаа текстови посветени на делото и животот на Конески, денеска изненадува одбегнувањето јавно да се изречат осуди и изнесување на виделина на сите што се кријат зад Конески, за да остварат евтин политички ќар за себе и голем зијан за сите. Најмногу боли кога тоа го прават писатели и научници, кои добро го знаат творештвото на Конески, што значи уште поужасна злоупотреба, особено во деликатни конфликтни ситуации кога станува збор за политички пресметки и расправи, како што се избори и изјаснувања на референдум. Се вклучува тревогата за лажна опасност од загроза на македонскиот јазик поради поголемата употреба на другите јазици кои се говорат во Македонија, за стравот да не се загуби националниот идентитет на Македонците, за името на државата, за исмевање на словенското потекло, за потрагите по пославно минато длабоко во антиката, стасувајќи до Александар Македонски, па и многу порано.

Блаже Конески беше цврсто застанат две илјади и кусур години подоцна од Александар Велики, на темелите што ги поставиле светите Климент и Наум. Незаборавен е неговиот настап во МОБ на 1.100-годишната од светите Климент и Наум, кога приопшти дека кандилцата во охридските куќи кои гореле со елбасанско газје под иконите на Климент и Наум пред кои се крстеле предците, ги одржале јазикот и верата на Македонците. Тоа е идентитетот кој ниту се зема ниту се дава со нечија одлука, или параграф од закон.

Еве еден конкретен пример на погрешно читање и злоупотреба на Конески кој е најчесто (зло)употребуван повеќе години, но особено кога искажувањата на нашиот народен мислител се истргнуваат од нанижаниот ѓердан и се редат бисерите на погрешно место, притоа се бришат и се додаваат други зборови што е уште потежок престап. Една од најцитираните мисли на Конески за македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина е одамна разјаснета од проучувачите и аналитичарите на творештвото на Конески, но кога овие неколку збора ќе се стават во служба на дневната политика стануваат сосема спротивното од она што го порача и кажа Конески на промоцијата на книгата на Трајко Стаматоски „Борба за македонски литературен јазик“ вдахновено искажано на 26 март 1986 година во салонот на „Мисла“: „Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред секакви ‘правни’ диверзии, од каде и да идат, со кои се фрла кал на нашите свети датуми и нашите постигања. За нас повеќе отколку за сите други во светот јазикот претставува, со сè што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина…“ И тука ќе застанам, затоа што овие неколку први реченици главно се ставани во различни конструкции, кои праќаат спротивни пораки од она што го кажа Конески за јазикот, нацијата и татковината.

Така, на пример, кога ќе се употребат само речениците: „Послушајте Македонци. Бидете на штрек пред секакви правни диверзии од каде и да идат“, па потоа следува „македонскиот јазик е нашата целосна татковина“, за да се поентира со: „Јазикот е заправо единствената наша комплетна татковина“ се добива турли-тава конструирана и унакажана со скрнавење на генијалната реч на Конески. Таа долги години се пече во националистичка фурна со лоша намера и се става како увод во политичката пропаганда за да се алармира за најчесто лицемерна загриженост за Македонците кои живеат во соседните земји.

Или, уште пострашно е кога се повикува на „штрек од правни диверзии“ во служба да се спречи договорот со Грција и наводната загроза на македонскиот јазик поради поголема употреба на јазиците кај другите народи кои живеат во Македонија, за што Конески никогаш немал дилеми. Конески тоа го разјаснува, но тоа обично се одбегнува во медиумите и во политичките кампањи.

И еве сега за целосна слика од искажувањето на Конески што го приопштува Гане Тодоровски како меморија вербалис, како што самиот наведува: „Послушајте Македонци. Бидете на штрек пред секаквите ‘правни’ диверзии, од каде и да идат, со кои се фрла кал на нашите свети датуми и нашите постигања. За нас повеќе отколку за многу други во светот јазикот претставува, со сè што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој заправо е единствената наша комплетна татковина. И оние наши места што се испустени живеат во нашата традиција со песните, приказните, гатанките и пословиците, запишани некогаш во нив, и оние наши места што се испустени ги опишува, опева и слави современата литература на македонски јазик. Затоа и во моменти на ломење, раслојување и колебање последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките од нашата самостојна акција на јазичен план. Тешко е во еден мал народ човек да се одбрани од романтизмот. Но тој романтизам кај нашиот народ не треба да претставува имитација на националните митови на големите народи за да не се примени поуката од познатата басна. Тој романтизам треба да нè свртува кон тоа што е изразена наша културна вредност и кон утрешната мисла дека ние на светски план не сме сами, ами вклучени на вистинската страна против секаква дискриминација и против секакви дискриминатори“. Забележано од Гане Тодоровски.

Препрочитувањето на целиот текст праќа сосема друга порака. Ја покажува вистинската страна каде сме и каде треба да одиме против сите дискриминации и дискриминатори. Ова искажување на Конески е всушност ингениозно предупредување, но не како на пророк, туку на генијален ум кој своето огромно знаење го става во служба на иднината и на идните генерации.