За десет години педесет пати повеќе блокирани


 

За десет години за педесет пати се зголемил бројот на блокирани сметки на граѓани, а  на блокирани фирми за двапати. Ова го покажува анализата на податоците на Народната банка за платежната статистика, според која предновогодишно во декември лани биле блокирани сметки на 80.462 граѓани и на половина стопанство, односно на 30.265 фирми.

Податоците на НБМ покажуваат дека бројките на блокирани сметки се далеку повисоки бидејќи, кога станува збор за блокада, се блокираат повеќе сметки на едно лице или фирма во повеќе банки. Така, вкупната бројка на блокирани трансакциски сметки заклучно со декември лани изнесува 188.500 за физички лица, како и на 45.431 правни лица.

Ако се спореди, пак, состојбата со блокадите од пред десет години, растот на блокираните трансакциски и кај граѓаните и кај фирмите е неколкукратен. Но кај граѓаните за 50 пати, а кај фирмите за двапати.Бројките покажуваат дека во декември 2008 година само 1.620 граѓани имале блокирани сметки за разлика од лани, кога тој број е 80.462. Додека, пак, кај фирмите ако во декември 2008 година бројот на блокирани сметки изнесувал 14.215, за десетина година двапати се зголемил и во декември лани изнесувал 30.265.

Трендот на драстичен раст на блокадите кај граѓаните е постојан, но почнува драстично да расте од 2013 година кога бројот на блокирани сметки на граѓани изнесува 40.969, а на фирми 41.069. Иако кај фирмите оваа бројка варира за во декември лани да изнесува 30.265, кај граѓаните се удвојува на 80.462 во декември лани. (А.Ф)