Жените повеќе управуваат со мали компании, мажите доминираат во големите


Tриесет и три проценти од претпријатијата во Македонија ги водат жени, процентот на жени во управувачките одбори е мал, а, исто така, мала е и застапеноста на жените на директорски функции во компании кои котираат на Берза, пишува МИА.

Податоците од Централиот регистар на Македонија, покажуваат дека бројот на жени претприемачи во Македонија изнесува околу 33 отсто од вкупниот број регистрирани компании, при тоа жената е сопственик на најмалку 51 процент од компанијата и е нејзин управител.

Од Агенцијата „Марили“ посочуваат дека во Македонија, иако нема официјален податок за бројот на жени на менаџерски позиции, според некои нецелосни сознанија, состојбата е далеку под европскиот просек. Иако дури една третина од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, во пракса тоа воопшто не е така.

Во ЕУ таргетот е до 2020 година жените да бидат застапени во надзорните и во управните одбори во компаниите со 40 проценти.

Во земјава податоците упатуваат на тоа дека во дури 45 отсто од компаниите нема жени во управувачките одбори, а во другите нивното учество во компаниите е различно и се движи од два до 21 отсто.

Состојбата, пак, со менаџерки во компаниите што котираат на берза покажуваат дека таму се застапени со 3,86 отсто. Од 102 компании што се јавуваат на Македонската берза во само четири од нив се на највисоката раководна позиција.

Од „Марили“ сметаат дека економското јакнење на жените директно влијае врз намалување на родовата нееднаквост во бизнисот.

– Женското менаџерство во Република Македонија според согледувањата на агенција „Марили“ е во развој. Се повеќе жени менаџери се среќаваат на високи позиции во компаниите, со тоа што предничат тие што се во семејните бизниси и во некои сектори каде што имаат поголем образовен женски кадар како што се финансиите, менаџирање со човечки ресурси, IT секторот, приватни здравствени ординации, едукативни центри и слично, изјави Лидија Трипуновска генерален менаџер на „Марили“.

Додава дека она што се забележува е дека жените менаџери се најчесто присутни во малите и средните компании додека во најголемите и највлијателните сфери од индустријата тие потешко доаѓаат до високи менаџерски позиции.

Трипуновска истакнува дека во случаите кога се испреплетуваат нивните функции како менаџери и претприемачи, се забележува дека жените потешко доаѓаат до финансиски средства и до поволни кредити за да може да го развиваат својот бизнис.

Порачува дека е потребна помош во ситуациите на мали бизниси кога жената менаџер и претприемач треба да доаѓа до одредени информации за можностите за развој, за пласирање на својот производ или услуга што може да биде сериозен проблем за еден поголем исчекор во бизнисот.

– Проблемите доаѓаат во овие случаи и во делот на менаџментот, познавањата на организација и раководење со компаниите за што, исто така, треба да постојат соодветни сервиси кои што на државно ниво ќе им овозможуваат на жените да бидат информирани во сите насоки за да може похрабро да влегуваат самостојно во менаџирањето пред се како претприемачи-менаџери, потенцира Трипуноска.

Во Македонија 73 проценти од домашните големи и средни компании сопственици се мажи, а во 67 се генерални менаџери.

Истражувањето за родова застапеност на раководни позиции, што неодамна го реализираше Институтот за комуникациски студии во соработка со институтот „Изида Вита“ од Словенија, покажува дека иако дури 65 отсто од вработените во големите и средни претпријатија во Македонија сметаат дека родовата рамноправност во управувањето е многу важна, дури 60 отсто рекле дека компанијата во која работат нема спроведено активности за полово врамнотежено управување и не ни планираат да направи такво нешто.

Во насока на поголема застапеност на жените во управувањето на претпријатијата поведена е иницијатива за воведување законски системски мерки. Целта е учеството на жените во надзорните и во управните органи во компаниите да биде 30 до 40 проценти. Иницијативата е покрената во соработка со женски асоцијации, стопански комори и јавниот сектор.

Жените од позиција менаџерки велат дека од година во година се чувствува промена во перцепцијата за женското претприемништво. Жените се покажаа како топ менаџери и лидери во сите сфери.

Викторија Шотароска, регионален менаџер на ПИК-КО ДООЕЛ, која е на позиција менаџер на интернационалната компанија 10 години вели дека на почетокот однесувањето и од страна на клиентите и партнерите од странство имало воздржаност и со една видлива резерва, но оти само по две-три години работите се промениле и респектот е на највисоко ниво и во целост сите се потпираат на професионалната соработка која вродува со плод и одлични резултати за двете страни.

– Денес сметам дека во целост е сменета перцепцијата за тоа како една жена може да управува со компанија дотолку повеќе во мојов случај со интернационална компанија на три пазари. Ние жените со сите оние носечки карактеристики како што се амбициозност, максимална посветеност, одговорност, па и одлучувачки способности, кои мора да признаеме не секојпат ни се силна страна, но пак од друг агол не прават многу повнимателни во пристапот. Навистина направивме револуција и се докажавме како одлични лидери и топ менаџери во секоја сфера на работењето, истакнува Шотароска.

Според неа, денес не е прашањето како е да се биде жена менаџер, воопшто не е во прашање полот, во прашање е согледувањето да се утврдат и откријат можностите и перспективите кои навистина се многубројни ако ги отвориме сознанијата, истите да ги видиме, без разлика на полот