Електронскиот волшебник Дру МекДоул доаѓа на фестивалот „Десонанз“


Легендарниот електронски волшебник Дру МекДоул ќе настапи на фестивалот „Десонанз“ во Скопје, кој ќе се одржи на 17 ноември со почеток во 23:00 часот во просториите на Младинскиот Културен Центар.

Дру МекДоул е култна фигура во историјата на електронската музика и човекот кој како композитор и продуцент е одговорен за голем дел од психоакустичната магија на „Coil“, „Psychic TV“, „Current 93“, „Throbbing Gristle“ и други проекти од бранот на рана индустриска, електронска и ритуална музика во текот на културната револуција.

Неговиот настап во Скопје е дел од светската турнеја која го промовира неговиот втор соло албум „Unnatural Channel“.

Освен Дру, програмата ја дополнуваат македонскиот електронски пионер Влад К. Борг, концертот на „VVeltshmerz“ и диџеј-сетовите на Андреас Херѕ и Кроном (Andreas Hz & Kronom), додека до раните утрински часови публиката на подиумот ќе ја држи унгарскиот хаус диџеј Имре Кис.

„Десонанз“ е годишен фестивал на нова уметност и современа музика чија мисија е да открива, мапира и промовира автентични изрази на музичка култура и уметност во современото општество. Фестивалот истражува и експериментира со естетските стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика.