Државата му најде работа на Еленовски за да остане во Брисел
Девет години откако ги тужеше претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, и сопартијците од НСДП, Горан Минчев и Горан Мисовски, бидејќи ја објавија снимката на која кажува дека Никола Груевски во 2008 бил подготвен да го смени името на државата, поранешниот амбасадор во Брисел, Лазар Еленовски, повторно игра за Владата – овој пат за СДСМ и ДУИ. Назначувањето на Еленовски за специјален пратеник за НАТО-интеграции во Брисел ги шокираше сите актери на политичката сцена. Незадоволство што ја преминува границата на гневот е забележливо кај неговите поранешни сопартијци, соработници, новинари и аналитичари, кои не можат да пронајдат добар збор за Еленовски како човек ниту, пак, логично објаснување за потегот од „Илинденска“.
Уште поневеројатно звучат информациите од владините извори дека станува збор за „молба“ од страна на ДУИ, чиј кадар по најново е Еленовски, да му се најде работа на човекот чиј единствен аргумент е што неговото семејство живеело во Брисел. По истекувањето на неговиот мандат како македонски амбасадор во Белгија пред година и половина, тој остана таму и не се враќа во земјава. Сиот тој период се обидува да пронајде работа, но не успева, а претседателот Ѓорѓе Иванов му ја одбил молбата да му го продолжи мандатот. Сопругата работи, децата се на училиште. Тоа е главниот аргумент на ДУИ (мајката на Еленовски е Албанка), која преку лидерот Али Ахмети бара премиерот и Владата да му пронајдат работа за да не се враќа. Во вторникот вечерта, на 56. седница на Владата, таа желба е исполнета.
„Немам зборови да го изразам своето незадоволство од ваквата одлука на Владата. Тоа е човек кому кога малку ќе му дадете доверба, ја искористува и злоупотребува на најдолен можен начин. Што да се каже за него? Се самопрогласи за претседател на Евроатлантскиот клуб, го искористи и го отфрли и Тито Петковски кога беше член на НСДП. За него има сомнежи и за вина кај хеликоптерската несреќа кај Петровец, секако не дека ја предизвикал, туку поради деловите за леталата, а тогаш беше министер за одбрана. Сакате да зборуваме од стручен аспект? Тој не заслужува никакво внимание, нема никаков авторитет во НАТО. Ова е огромна грешка на Владата и на ДУИ, оти тој сѐ што прави, прави од личен интерес, а не од романтичарски идеали или поради интересите на Албанците“, негодува поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.
Неверување владее и во партијата НСДП, која е коалициски партнер на СДСМ. Еленовски беше член на партијата на Тито Петковски кога беше дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ до 2008 година, а кога НСДП одлучи да замине од прегратките на Никола Груевски, заедно со уште неколкумина излезе и ја формираше СДУ, со која остана да ѝ служи на претходната власт. Не ја изневери во ниту еден момент за време на 11-годишното владеење.
„Запрепастен сум како е можно човек, кој има одговорност и против кого се води истрага за падот на воениот хеликоптер, да се назначи за специјален пратеник за НАТО. Мислам дека Владата кога именува свои претставници мора да внимава на сите аспекти: морален, стручен, безбедносен… Уште повеќе сум шокиран од убедувањето на ДУИ дека треба да го назначи Еленовски на таква функција со цел да не биде разделен од семејството. Јас како лидер и НСДП како партијата не бевме консултирани за ова, поради што испратив писмо со несогласување до премиерот Заев“, ни изјави Тито Петковски.
Од Владата, пак, и вчера цврсто ја бранеа својата одлука. На редовниот брифинг со новинарите портпаролот Миле Бошњаковски рече дека станува збор за искусен дипломат, кој ќе придонесе за евроинтеграцискиот процес на земјава. На прашањето дали Еленовски е назначен по барање на ДУИ, Бошњаковски напомена дека е избран по предлог на Владата.
Врие и на социјалните мрежи. Новинарот Борјан Јовановски пишува дека Еленовски својата кариера ја направил како школски другар на Груевски, ставајќи го во неговиот скут Евроатлантското движење на Македонија за да стане министер за одбрана. Потсетува дека токму за време на неговото владеење со ресорот пари од буџетот за одбрана се прелевале во полицијата и со тоа му се дало моќ на Мијалков. Јовановски наведува дека Еленовски го бранел Груевски до последен момент кога му престанал мандатот амбасадор во Брисел во 2016 година.
„Сѐ што остави зад себе, денеска би требало да биде симбол на апаратчик, кој брутално гази принципи штитејќи го само и само личниот интерес. Еленовски треба да биде илустрација за тоа каква не смее да ни биде државната администрација. Наместо тоа, слушаме дека Еленовски треба да нѐ афирмира во Брисел како општество во процес на демократски реформи кои треба да ни ја вратат позицијата во НАТО, истата онаа која ја изгубивме поради тргувањето на Еленовски со стратегиските интереси на државата за да ги задоволи сопствените амбиции“, потенцира Јовановски. Притоа, потсетува дека за човекот кој го откри прислушувањето и си ја загрози сопствената безбедност нема работа во Македонија, а има за профил како Лазе Еленовски.
Уште понелогично е што Македонија веќе има координатор за НАТО во Брисел, а тоа е Стево Пендаровски. На социјалните мрежи сега се бара решение и за другите ексдипломати од времето на ВМРО-ДПМНЕ, како што е Ристо Никовски, ако критериумот веќе е паднат толку ниско.
Горан Адамовски