Документарецот за Мајкл Џексон ја шокираше публиката
Најголемиот американски фестивал на независниот филм „Санденс“ овој петок премиерно го прикажа документарниот филм „Напуштајќи ја Недојдија“ за кралот на попот Мајкл Џексон. Она за што сите релевантни медиуми известија е дека филмот изобилува со експлицитна содржина како потврда за педофилските склоности на поп-иконата. Точно десет години по неговата смрт, четиричасовниот филм ја оставил публиката без здив, со мачнини во стомакот, вака пишува интернет-страницата за филмски рецензии „Индивајр“.
Понатаму, авторот на текстот вели дека по погледнувањето на овој филм, веќе никој нема да ја слуша исто музиката на Џексон, или воопшто нема повеќе да ја слуша.
Мајкл Џексон фотографиран со Вејд Робсон
Во филмот, кој е режиран од Ден Рид, се зборува за „љубовната“ врска која Мајкл Џексон ја негувал со две момчиња на возраст од 7 и 10 години. Двете момчиња, кои сега се на возраст над 30 години, доброволно зборуваат за своето искуство и за тоа како биле намамени од музичарот.
Се зборува за Вејд Робсон и Џејмс Сефечак и како тие двајца биле злоупотребени од Џексон. Се изнесуваат нови, досега непознати и многу експлицитни детали, поради кои публиката веќе го нарече Џексон чудовиште, а филмските критичари го сместија филмот во жанрот хорор.
Мајкл Џексон и две момчиња се запознале во различни ситуации, едното од нив учествувало во реклама за „Пепси“ заедно со Мајкл Џексон, а другото момче победило на натпревар за таленти каде што успешно го одиграл месечевото движење кое го промовираше Џексон.
Документарецот тврди дека починатиот Џексон им давал на момчињата накит, а тие за возврат му давале сексуални услуги. Џексон одел дотаму што со едното момче одглумел и венчавање, а го запросил со дијамантски прстен и направиле и документирана венчавка.
Вејд Робсон, режисерот Ден Рид и Џими Сафечак
Семејството Џексон не се обидело да го стопира прикажувањето на филмот, но внукот на Џексон повика на Твитер да се бојкотираат спонзорите на „Санденс“. Кралот на поп-музиката уште додека беше жив ги демантираше сите наводи и обвинувања дека сексуално злоупотребувал малолетни момчиња.
Критичарот Патрик Рајан за „Ју-ес-еј тудеј“ вели дека Џексон ги убедувал момчињата да се свртат против своите родители и им раскажувал дека Господ ги споил со него. Подоцна тој ги заменувал со нови помлади момчиња. Двајцата што прифатија да зборуваат јавно во филмот, Вејд Робсон и Џејмс Сафечак, тврдат дека Џексон со години ги силувал и ги злоупотребувал на ранчот „Недојдија“.
Токму тие двајца се застапени во најголем дел од документарецот, а добија и овации од публиката откако филмот заврши.
По премиерата, застапниците на Мајкл Џексон испратија соопштение до медиумите дека филмот е таблоиден и дека со ова се продолжува прогонот против него, исто како што тоа се случувало додека бил жив. Тие тврдат дека Робсон и Сафечак изнеле само лаги и клевети.
– Чувствувам мачнина откако го погледнав филмот, ова е хорор. Сите погрешивме кога навивавме за него – вели филмската критичарка Мара Рајнстајн за „Ју-ес викли“.