Договорот со Грција – „рамковен договор“ за името


Кога беше усвоен Охридскиот рамковен договор во 2001 година, под многу деликатни и тешки околности, меѓународната заедница ги поздрави победата на  дипломатија и храброста на лидерите. Денешното одбележување на 17-годишнината од неговото потпишување во претседателската резиденција на Водно го краси одредена посебност, врзана со исклучително важниот момент за државата – плебисцитарното изјаснување за договорот со Грција, кое треба да ја одреди судбината на нашите евроатлантски интеграции. Што, пак, е една од клучните цели на Рамковниот договор, покрај развојот на граѓанското и мултикултурно општество, конструктивно разрешување на политичките разлики, правична застапеност, децентрализација, култура, образованието на заедниците…
Безмалку две декади од потпишувањето, сè уште има дилеми во јавноста околу успешноста на Рамковниот договор, но едно е сигурно – со него се стави крај на конфликтот и се отвори нова страница на демократската историја на државата. Сепак, тезите дека станува збор за самоубиствена одлука, предавство и крај на државата, никогаш тотално не избледеа. Тоа е, практично, истиот вокабулар кој од разни општествени фактори се слуша и во последниов период, особено по носењето на законот за јазици во Собранието и потпишувањето на договорот со Грција.
Тогаш беше потребна смелост за луѓето со различни гледишта да се здружат за да го потпишат тој договор, а храброст и сега се бара од лидерите на сите партии за да се заврши незавршеното, за да се изгради една подобра Македонија од која корист ќе имаат сите нејзини граѓани.
Може ли, впрочем, Рамковниот договор да биде пример за носење нови храбри одлуки?
„Од независноста во 90-тите години, па до денес македонскиот национализам се соочува со две тешки одлуки. Едната беше разрешена со Рамковниот договор, кога се исправи практично грешката од 1991 година, со донесување на Уставот без согласност на втората по големина етничка заедница, отворајќи ја притоа можноста за доминантната нација да го мајоризира малцинството. Таквото поведение не мина без последици и резултираше со конфликтот во 2001 година“, вели професорот Денко Малески.
Вториот проблем, нагласи тој, мораше да го апсолвираме на меѓународен план со решавање на проблемот со името со Грција.
„Двата национализми, и македонскиот и грчкиот мораше да разберат дека нема една вистина за Македонија, туку дека има две вистини – една македонска, една грчка. Како што ќе има и трета вистина со договорот со Бугарија“, вели првиот министер за надворешни работи во македонската влада, за кого разрешницата на таа дилема несомнено го отвора патот за интеграција на државата во евроатлантските структури.
Рамковниот договор, оценуваат аналитичарите, како единствен модел на интеграција различен од земјите во регионот имаше позитивни влијанија во политичките процеси во Македонија. Тој, според дел од нив, имал влијание во 2005 година Македонија да добие статус на земја кандидат за зачленување во ЕУ, со јасна порака целосно да се имплементира договорот.Сепак, голем дел од политичките и етничките разлики останаа да се решаваат понатаму. Едно од нив е политиката на квантитетот место квалитетот. Според оваа логика, администрацијата се наполни со партиски лица за да се достигне квотата на „правична етничка застапеност“, наместо да се инсистира и на професионалните и образовните стандарди.
Дел од нив, пак, забележуваат дека последните случувања меѓу Србија и Косово и шпекулациите за можни поделби и размени на територии ги заплашуваат   веќе граѓаните дека таквиот развој на настаните може да предизвика домино ефект, што јасно упатува на тоа дека и натаму треба да се работи на  меѓусебната доверба. За тоа треба да придонесе влезот во евроатлантските сојузи, кој е исклучително битен од безбедносен, но и од внатрешен кохезивен аспект.
„Нема стопроцентни гаранции, но евроатлантската интеграција треба да придонесе кон тоа сите да се чувствуваат како дома, свои на своето. Па, и во случај да се реализираат сценаријата за поделби или размени на територии меѓу други држави, граѓаните во Македонија без оглед на етничката припадност просто да речат: ’Нам ни е добро тука’. Спротивно на 2001 година, кога конфликтот се прели од Косово, а луѓето што тука го поддржаа оружениот судир велеа: Ние зборувавме, а вие не слушавте.
„Нам, конечно, ни требаат сојузите не само за да бидеме дел од нив со сопствена специфична тежина, туку за да ја задржиме и внатрешната стабилност, односите меѓу различните етнички заедници. Без учество во нив практично немаме целосен суверенитет и изложени сме на најразлични политички ветришта кои може да го загрозат опстанокот на една мала и кршлива држава“, нагласува Малески.
 
Над 130 законски измени поради Рамковниот договор
Преговорите за Рамковниот договор почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна во претседателската резиденција на Водно документот го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Имер Имери. Во својство на гаранти, документот што е познат и како Охридски договор, го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, а 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
 
Наум Котевски