Директорот на Институтот за ТБЦ: Ако сум гинеколог, разбирам што е туберкулоза
Сите болнички третирани пациенти во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза добиле соодветна терапија за лекување туберкулоза, претходно потврдена дијагноза и врз основа на микробиолошки наод. Ова го заклучила Комисијата што ја формира Министерството за здравство за да испита како се лекувани 21 пациент на овој Институт, за кои имаше информации дека се лекувани од ТБЦ, иако не биле заразени.
– Пациентите се лекувани во период од три месеци, што е вообичаено време за медицински третман на ТБЦ, согласно протоколите. Исто така, согласно медицинската документација, болеста била навремено препознаена од избраниот лекар – соопштија од Министерството за здравство.
Станува збор за пациенти на возраст од 15 до 38 години, лекувани во периодот од 1 ноември минатата година до 23 март годинава, кои стигнале на Институтот откако претходно со месеци биле лекувани кај матичните и кај други доктори.
Предраг Божичковиќ, директор на Институтот, вчера тврдеше дека лекарите вработени овде одлично си ја знаат работата, за што доказ е тоа што во Македонија рапидно се намалува бројот на новорегистрирани болни од ТБЦ. Сега има 10,6 новозаболени на 100.000 жители, што е блиску европскиот просек. Според Божичковиќ, проблем е тоа што 20 години, од 1997 година наваму, на Институтот нема едукација за туберкулоза ниту студенти или специјализанти. Затворени се и најголем дел од диспанзерите со градовите, а и во тие што уште работат има само сестри без доктори. Тој бара на Институтот, кој има професори, да му се врати Катедрата за да може да едуцира кадар.
– Само за четири месеци имаме 21 пациент, млади, работоспособни луѓе, со активна туберкулоза. Тие пациенти беа лекувани кај нас и лекувањето продолжи во домашни услови. Ние сме единствена референта установа за дијагностика и лекување на туберкулоза – рече Божичковиќ.
Тој е специјалист гинеколог, кој на директорската позиција дојде од Куманово, каде што имал своја ординација. Кадар е на Српската напредна странка, коалициски партнер на СДСМ.
– Ако сум гинеколог, не значи дека не разбирам што е туберкулоза. Завршив Медицински факултет, присутен сум на секој стручен колегиум и секој ден ги гледам тие пациенти – рече тој.
Лани во Македонија се откриени 220 случаи на туберкулоза, што е значително помалку во споредба со 2016 година, кога имало 267 случаи. Намалена е и смртноста од оваа болест, па лани имало само седум смртни случаи, трипати помалку од 2016 година.
С.С.З.