Денко Малески: Заев и Ципрас отворија огромна порта


Според универзитетскиот професор и прв министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески, премиерите Заев и Ципрас отворија голема порта за надминување на долгогодишниот проблем и таа не смее да биде затворена.
Коментирајќи го последниот развој на настаните со прифаќањето на предлогот „Република Илинденска Македонија“ од наша страна, наспроти одбивањето од страна на Грција, Малески вели дека тоа не значи во никој случај дека се враќаме назад, туку дека продолжуваме напред.
„Сега треба да се отстранат и последните бариери. Двајцата лидери се пофалија дека имаат креативни способности и време е да најдат креативно решение. Заев и Ципрас отворија голема порта за Македонија, што е без преседан во македонско-грчките односи во последните децении. И таа порта не смее да биде затворена, а мислам и дека нема да дојде до тоа. Грчкото одбивање не треба да нѐ поколеба, туку треба да ја мотивира македонската страна да побара нова заедничка солуција и конечно да го затвориме проблемот и да ги отвориме перспективите на државата“, оценува Малески.
Во однос на поделените реакции во домашната јавност за последниот предлог, Малески вели дека, сепак, немаше толку негативни критики како што имаше порано за кој било предлог за надминување на проблемот со името.
„Овој пат не се создаде поголема негативна енергија. Одредени интелектуалци коментираа дека станува збор за предавство, што е недозволива квалификација. Сепак, јас паметам какви сѐ бурни реакции имаше порано кога ќе се спомнеше некој од долгата листа предлози за името што се даваа во изминатите години. Овој пат, реакциите беа посмирени, што ми дава за право да мислам дека нешто се сменило во свеста на граѓаните“, вели Малески. (А.М.М.)